1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се свртеа „Златните глобуси“ за оваа година

Доделени се „Златните глобуси“, филмските награди - предвесници на „Оскарите“. Покрај многуте високобуџетни филмови во изминатата година, „Златниот глобус“ за најдобар филм го понесе британска љубовна приказна.

default

По минатогодишниот штрајк на сценаристите, „Златните глобуси“ овој пат светнаа

„Сламдог милионер“ со четири освоени награди е големиот победник на 66-тите по ред „Златни глобуси“. Филмот во кој настапуваат претежно анонимни актери, го освои „Глобусот“ за најдобра драма. Со „Глобус“ си замина и нејзиниот режисер, Британецот Дани Бојл, а наградени беа и сценариото и музиката во филмот.

Нискобуџетната британска продукција ја раскажува приказната за еден млад Индиец, кој е во потрага по љубов и се натпреварува во едно индиско телевизиско шоу.

Кејт Винслет со два „Глобуса“

Kate Winslet

Кејт Винслет на шала им се извини на конкурентките - со два „Глобуса“ в раце

За разлика од „Оскарите“, „Златните глобуси“ имаат посебни награди за филмските жанрови драма и мјузикл.

Па така, оваа година „Глобусот“ за најдобар мјузикл или комедија го доби остварувањето на Вуди Ален, „Вики Кристина Барселона“.

Од останатите добитници се издвојуваат Кејт Винслет, која освои две награди и тоа за најдобра актерка во драма за улогата на фрустрираната сопруга во филмот „Револуционерен пат“, во кој повторно се обедини со Леонардо ди Каприо, нејзиниот партнер од „Титаник“. Винслет ја освои и наградата за најдобра актерка во споредна улога за филмот „Читачот“, каде што глуми Германка со тајно минато.

Мики Рурк ја освои наградата за најдобар актер во драма за „Борачот“, додека Хет Леџер, кој почина од несреќна мешавина на лекови, го доби „Глобусот“ за најдобар актер во споредна улога во филмот за Бетмен, „Темниот витез“.

Наградата во негово име ја презема режисерот Кристофер Нолан, со изјава дека сите што работеле со Леџер ја прифаќаат оваа награда со измешани чувства на тага и гордост.

Тепих полн со холивудска елита

Jennifer Lopez Golden Globe Verleihung mit Marc Anthony

Џенифер Лопез и Марк Антони исто така беа на ВИП-листата

Што се однесува до црвениот тепих, тој оваа година повторно блесна во целиот свој сјај. За разлика од минатата година, кога добитниците на наградите беа соопштени на прес-конференција, поради штрајкот на холивудските сценаристи, оваа година на манифестацијата се појавија бројни гости од холивудската А-листа. Бред Пит, Том Круз, Анџелина Џоли и Леонардо ди Каприо беа само дел од актерската елита што се појави на доделувањето на наградите.

За разлика од „Оскарите“ што ги доделува Холивудската филмска академија, „Златните глобуси“ ги доделува Здружението на странски новинари во Холивуд.

Во изминативе четири години, „Златните глобуси“ не го погодија добитникот на „Оскарот“ за најдобар филм, но генерално 67 проценти од добитниците на „Оскарот“ за најдобар филм, претходно добиле „Златен глобус“.

Со оглед на ова, филмската индустрија ги смета „Златните глобуси“ за важен показател околу тоа како ќе се одвиваат работите на претстојните „Оскари“.