1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се редуцира примената на Бадинтеровиот принцип

Во Македонија се почесто се изигрува и ја губи својата кредибилност „бадинтеровиот принцип“, односно, примената на таканареченото „двојно мнозинство“ при гласањето во парламентот.

default

Професорот по уставен систем и уставно право на ФОН Универзитетот во Скопје, Бајрам Положани, вели дека постојат проблеми при примената на бадинтеровиот принцип.

„Постојат намери да се редуцира, односно, да се избегнува овој принцип на консензуалната демократија. Уставотворецот не кажал кои закони се донесуваат со посебното мнозинство, туку предвидел кои прашања се уредуваат со тоа мнозинство. Се оспорува природата на прашањата, за да се избегне бадинтеровиот принцип, оти е тоа тежок принцип на одлучување.“

Рената Дескоска - Тренеска, експерт по уставно право од Државниот универзитет во Скопје, искажува поинаков став:

„На законодавно ниво во Парламентот досега не се забележани некои посебни проблеми околу примената на Бадинтеровиот принцип. Особено не сега кога има листа на закони, кои се донесуваат со Бадинтеровото мнозинство, наведени во законот за Комитетот за односи меѓу етничките заедници. Така што, од тој аспект мислам дека е попроблематично локалното спроведување на Бадинтеровиот принцип.“

Албанците самите го опструираат Бадинтеровото мнозинство

Мирјана Малевска, професорка по политички науки на Штуловиот универзитет во Тетово укажува:

„Она што ми се чини дека е во овој момент најпроблематично во примената на Бадинтеровиот принцип е тоа што едно малцинство, наместо да го заштити тој принцип на ниво на Републиката, чини нешто поинаку: се случува самите пратеници од различни политички опции, кои му припаѓаат на тоа малцинство, конкретно, на албанската етничка заедница, да дојдат во меѓусебен судир и практично да го опструираат Бадинтеровиот принцип. Ова се има случено, на пример, во врска со некои од законите и проектите за употреба на јазиците: кога дојде до конфронтација меѓу пратениците на Демократската унија за интеграција и Демократската партија на Албанците во Парламентот. Тоа е невообичаено, бидејќи Бадинтеровиот принцип се однесува на културните права, на заштитата на идентитетот токму на малцинствата, а тука пратениците од тие две партии дојдоа во ситуација да се надгласуваат еден со друг и да не може долго време да се донесе таквиот закон.“

Mazedonien Das Parlament in Skopje

Малевска дополнува: „Ова постои како можност за појавување пречки за примена на Бадинтеровиот принцип и во иднина. Ова укажува дека албанската етничка заедница е значително голема во Македонија и оти прашањето како ќе функционира тој принцип ќе зависи од односот меѓу ДУИ и ДПА во Парламентот.“

Каде се другите заедници?

Политичката партија за национално единство на Турците со седиште во Гостивар нема свој пратеник во парламентот, но е застапена со свои советници во шест општини, меѓу кои и во гостиварската. Ердоган Сарач, претседателот на оваа партија, забележува критички: „За нас, националностите, Бадинтеровиот принцип влијае негативно, затоа што сме сега двократно зависни: зависни сме на целата територија од Македонците, а потоа индиректно и од Албанците. Тој принцип, можеби, спречи одредена мајоризација од мнозинството, меѓутоа, сега има мајоризација од овие две етнички мнозинства кон другите малцински етнички групи.“

Малевска пренесува дел од своите истражувачки интервјуа со некои од пратениците на малцинските етникуми:

„Дури, еден од пратениците од тие етникуми изјави: ’Како сега функционира Македонија, испаѓа како да е таа заедница во која се договараат само Македонците и Албанците, но, каде сме ние другите тука?!.“

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt Menduh Taci im Parlament

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи

Притоа, таа посочува на можноста евентуално да се размисли за изнаоѓање нови, иновативни решенија, кои би се вградиле во структурата на Бадинтеровиот принцип и би го надополниле во смисла на негова поефикасна примена и на национално и на локално ниво, заради заштита и поголемо влијаение врз донесувањето на одлуките на малцинските етникуми, кои учествуваат со помалку од 20 проценти во структурата на вкупната македонска популација.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Борис Георгиевски