1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се разгледуваат понудите за купување на ЕСМ

Во тек е разгледување и бодување на понудите. Во заградата на владата работи комисијата за продажба на ЕСМ, а новинарите од друга просторија, преку видео бим го следат процесот.

Централата на ЕСМ

Централата на ЕСМ

Износите што италијански Енел, Чешки Чес и австриски ЕВН го понудија за ЕСМ дистрибуција, нема да бидат обелоденети пред седницата на владата, закажана за вечерва во 18 часот. Тогаш кабинетот на Бучковски ќе реши која понуда е најповолна. Дотогаш во фокусот остануваат граѓанските негодувања против продажбата и опозициските несогласувања со моделот и начинот на продажба. Спиро Мавровски, од ВМРО-Народна партија побара да се одложи продажбата:

“Законот за енергетика го дава тоа право, затоа што има една лиценца, од која што може да се случи само едно: од државен монопол да добиеме приватен монопол, кој секако ќе биде многу полош од овој претходен. Затоа ВМРО-Народна партија останува на својот став – почетокот на приватизацијата да почне со влезот на Македонија во ЕУ.“

Златко Чингоски од ВМРО ДПМНЕ, рече:

“Секое преспивање на понудите во тајните простории на владата е можен извор за сериозни нарушувања на транспарентноста на целокупната постапка и можност за манипулација, со понудувачите и понудите. “

Министерот за економија, Фатмир Бесими, со негирање на ваквите ставови:

“Апсолутно нема никаков простор за манипулација. Сите постапки, сите законски процедури се почитуваат. Единствено прашање останува дали нашите граѓани веруваат во нашиот систем и во нашите институции. “

Дополнителна сенка на продажбата на една од највредните македонски компании фрли оградувањето на Антокорупциската комисија од целиот процес. Претседателот на комисијата, Михајло Маневски вели:

“Па, јас не знам што би било тајна во тој договор и зошто јавноста не треба да знае. Секако дека доставувањето на договорот, со таков услов за држење на тајност на податоците, очигледно претставува едно алиби на власта за овој договор, заради тоа што очигледно, како што и порано беше известена јавноста, тој договор требаше да им биде ставен на увид на граѓаните.“

Владата одби на јавноста да и ја открие содржината на купопродажниот договор и него и го даде на увид само на Антикорупциската комисија, но само под услов да не ги коментира одредбите од него. Антикорупциската комисија одби да и биде параван на владата. Утрото пред почетокот на отворањето на понудите, забелешки дадоа австриската компанија ЕВН и италијанската ЕНЕЛ, поради технички пропусти во процедурата. Четвртатат компанија што беше заинтересирана за ЕСМ, германски РВЕ, се откажа од трката и не достави понуда. Портпаролот на оваа компанија, Себастијан Акерман, вели:

“По деталната проверка на сите документи, одлучивме да не дадеме понуда на овој тендер. “

ЕСМ прво требаше да се продава во пакет, но под притисок на јавноста, владата лани се откажа и реши во правта фаза да го продаде само делот за дистрибуцијата. Приватизацијата на ЕСМ беше оспорувана од голем дел од експертската јавност.

Попладнево Скопје е во сообраќаен хаос поради протестите што ги органзира здружението “Глас за светлина“. Блокирани се клучните раскрсници во центарот, така што е речиси невозможно да се стигне од еден на друг крај на градот.