1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се’ почести самоубиства меѓу младите во Германија

Страв, депресија, самоповредување – листата на психички заболувања кај младите е се’ подолга. Затоа лекарите покренаа низа иницијативи.

Ким имаше 15 години кога нејзината мајка Укрике Вулф забележа дека нешто не е во ред, дека нејзината ќерка има психички проблеми. Ким постојано сама на себе си нанесувала повреди со жилети и тоа најчесто на рацете. Раните ги сокривала носејќи блузи со долги ракави, така што на почетокот никој ништо и не ни приметувал, вели Улрике.

„Како родител не знаете што се случува. Забележуваш дека детето ти е поинакво од другите деца, но не насетуваш дека зад тоа се крие некоја болест. Си мислиш – таа едноставно е таква“, објаснува оваа мајка.

Самоповредувањето како вентил

За многу млади самоповредувањето е единствен начин да се ослободат од душевната напнатост, објаснува Ромуалд Брунер од Универзитетската клиника во Хајделберг.

„Речиси да е во човечката природа да се има проблем со поимањето на сопствената вредност, со зголемено чувство на тага и несоницата. Кога тие проблеми ќе станат преголеми и претешки, тогаш доведуваат до последици кои се многу болни и ја оптеретуваат личноста“, објаснува професорот Брунер.

Symbolbild Außenseiter Einsamkeit

Изолацијата и осаменоста можат да бидат причина за сериозни психички проблеми

Тој е шеф на Клиниката за детска и психијатрија на млади, а раководеше и истражување во кое учествуваа научници од десет европски држави и Израел. Оваа студија опфати истражување на психичките пречки кај младите, при што младите давале одговори во потполна анонимност. Дури осум проценти од девојките признале дека зад себе имале барем еден обид за самоубиство.

Во Средна Европа самоубиството е втората најчеста причина за смрт кај младите луѓе. На прво место се сообраќајните несреќи. Професорот Брунер предупредува дека бројот на самоубиства и самоповредувања така достигнал неверојатно ниво.

Фејсбук, интернет и пријатели

Многу млади реалното дружење и социјалните контакти со луѓето ги заменуваат со вештачкиот свет на интернетот. Тие стануваат зависници од интернетот, пријатели имаат само на Фејсбук и веруваат дека животот без мобилниот телефон е невозможен.

„Парадокс е како интернетот дава големи можности за стапување во контакт и дека во таа цел и се користи, но дека на крајот тој не може да ги замени реалните контакти. Таа група млади посебно е погодена со депресии, суицидни идеи и напади на страв, односно со разновидни психички проблеми“, вели Брунер.

Symbolbild Internetsucht

Интернетот и мобилните телефони ги водат младите луѓе надвор од светот на реалноста

Има ли живот без мобилен телефон?

Во клиниката Сомнија во близина на Келн на младите пациенти на влезот им ги одземаат мобилните телефони. Психијатарот Елејн де Гузман се сеќава на 16-годишна пациентка, која едвај се одвоила од својот мобилен телефон. Два дена подоцна самата рекла дека претходно верувала оти не може да издржи без мобилен телефон ниту еден час. Дури во клиниката младите стануваат свесни за својата зависност од мобилниот телефон и интернетот.

Пациентите на оваа клиника имаат од 12 до 20 години, што го отежнува третманот, бидејќи станува збор за млади во пубертет, вели Елејн де Гузман.

„Денешната младина се’ повеќе се движи во својот виртуелен свет, а родителите имаат проблеми да држат чекор со тоа. Младите во пубертетот од една страна почнуваат да се осамостојуваат, а од друга стана во родителите и натаму гледаат пример. Токму тука настанува проблем во комуникацијата и така се отежнува меѓусебниот однос“, објаснува Елејн де Гузман.

Научниците кои учествувале во студијата на професорот Брунер развиле методи за рано препознавање на психичките пречки. Тие ги обучуваат наставниците во училиштата да ги воочат проблемите на учениците или да реагираат кога ќе ги препознаат нивните суицидни намери. Освен тоа, се работи и со учениците, за тие да станат почувствителни за своите и проблемите на другите. Во идеален случај тие можат и да си помогнат едни на други. Колку порано ќе се започне со терапијата, толку е поголема шансата за успех.