1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се’ помалку храна, се’ повисоки цени

Цените на храната во светот драстично се зголемија во последниве месеци. Причината е во растот на цените на суровините. Пченицата, пченката и сојата чинат повеќе денес, отколку за време на кризата во 2007 и 2008 година.

default

Во светот има се’ помалку храна, а се’ повеќе гладни

Исто така и цените на растителните масла, масти, шеќер, кафе и какао се зголемија за повеќе од половина. Причина за тоа, од една страна е слабата жетва поради сушите и поплавите. Од друга страна, зголемувањето на цените се должи и на шпекулациите со земјоделски артикли и суровини.

На светската политичка сцена постои согласност дека ваквиот раст на цените не смее да продолжи, но не е лесно да се дојде до решенија.

Предвидувањата се генерално поврзани со одредена неизвесност. Но, кога станува збор за развојот и исхраната на светската популација, тогаш предвидувањата се алармантно прецизни. Експертите, како професорот Јоаким фон Браун од Центарот за развојни истражувања во Бон, не се големи оптимисти за иднината:

„Ќе имаме зголемување на светското население од актуелните 7 милијарди на 9 милијарди до 2050. година. Но, овие 9 милијарди луѓе ќе трошат храна како за 12 милијарди. Ќе продолжи да расте потрошувачката на производи од животинско потекло: млеко, месо, јајца. Потрошувачката на основна храна, пак, ќе опадне. Обработливите површини и водата ќе ги има се‘ помалку, а климатските промени ги зголемуваат проблемите со продуктивноста и ги вознемируваат земјоделските пазари“.

Deutschland Verbraucher Lebensmittel Preise Maisspeicher

Западните високо развиени земји немаат проблем со прехранбените суровини

Веќе сега во светот има околу една милијарда гладни. Две милијарди луѓе се недоволно снабдени со витамини, минерали и хранливи материи, а речиси 150 милиони деца се неухранети. Големиот пораст на цената на житото дополнително ја влоши состојбата. Дури и доколку се зголеми продуктивноста, а битката со климатските промени даде позитивни резултати, според фон Браун, цената на пченката во 2050 година ќе се зголеми за уште 90 отсто, а на пченицата од 40 до 50 проценти. Дали кризата со храната воопшто може да се спречи?

„Политиката ќе има клучна улога за иднината на храната во светот. Повеќето земјоделски политики се водат на национално и на локално ниво, но глобалните аспекти се поважни: да се промовираат земјоделскиот раст, пазарите со слободна трговија, меѓународно координирано складирање и заштита од шпекулантите, изработка на пофокусирани и поефикасни прехранбени и социјални програми“.

Како ќе се прехранат луѓето до 2050 година?

Светската организација за храна и земјоделство пресмета дека земјоделското производство ќе мора да се зголеми за 70 проценти, за луѓето да можат да се прехранат во 2050 година. Но, дали е тоа можно? Ова прашање минатата година беше отворено и во Извештајот за светското земјоделство, што го иницираше Светската банка.

Ханс Херен, директор на институтот Милениум, и поранешен заменик-претседател на Светскиот земјоделски совет, го сумира одговорот:

„Можеме ли да се преориентираме на земјоделство што користи помалку фосилно гориво, помалку индустриски ѓубрива, помалку хемиски средства за заштита на растенијата? Извештајот заклучува дека мораме да го изградиме нашето земјоделство на еколошка основа. Но, за тоа ни‘ се потребни многу повеќе научни истражувања, и треба да се инвестира многу повеќе“.

Afrika Lebensmittel - Preise steigen

Африканскиот континент одамна се соочува со недостаток на храна

Во извештајот за светското земјоделство се критикува индустријализацијата на земјоделството и се повикува на поддршка на ситните производители. Свежи производи кои ќе бидат приспособени на локалната побарувачка, од локални производители за локален пазар - гласи заклучокот, кој го поддржува и германската министерка за земјоделство Илзе Ајгнер.

Интересите на ЕУ пред националните

Но, од друга страна, Германија е дел од Европската унија, а со тоа мора да ги има предвид и интересите на европското земјоделство и прехранбената индустрија. За нив земјите во развој најпрво се голем пазар каде сакаат да ги искористат потенцијалите на растечката популација.

По стагнацијата на преговорите во Доха кои ги организираше Светската трговска организација, ЕУ се‘ повеќе се потпира на билатерални договори. Таквиот однос, според Армин Паш, секретар за трговија и безбедност на храната во една хуманитарна организација, ги става во предност индустриските нации, бидејќи Светската трговска организација не предвидува заштитни мерки за земјите во развој.

„За да имаме фер трговија, мора да бидеме во иста ситуација. Но таа за жал не постои. Имаме индустриски земји со високо високо индустријализирано производство, кои имаат високи земјоделски субвенции. Од друга страна, во земјите во развој имаме огромен број ситни фармери, кои имаат многу мал пристап до технологија и многу мала поддршка од државата. Во ваква ситуација, да се инсистира на слободна трговија и пристап до пазарите на земјите во развој, е рецепт за глад.“

Трговијата- проблем или решение?

Во Светската трговска организација поинаку гледаат на проблемот. Според нив, трговијата не е проблем, туку дел од решението за обезбедување храна за светот. Таа мора да биде произведувана таму каде што е најефикасно.

Indonesien Überschwemmungen in Jakarta Lebensmittel

Климатските промени и природните катастрофи дополнително го усложнуваат проблемот со храната

Но, без фер-трговија тоа не може да функционира. И уште еден проблем го става системот под притисок. По финансиската и економска криза, инвеститорите ги открија земјоделските суровини како инвестиција. Цената повеќе не ја одредуваат само понудата и побарувачката, туку шпекулациите на зголемените или намалените курсеви.

Министерката за земјоделство, Ајгнер најавува заострување на правилата. Мора да има поголема транспарентност при тргувањето на стоковите пазари.

„Еден централен регистар на трансакциите, како што предложи ЕУ, ќе покаже дали постои легитимна заштита на земјоделците, или пак се шпекулира. Исто така, може да се воведат и ограничувања на цените и нивните флуктуации, со цел да се смират пазарите. Во секој случа,ј состојбата на пазарот за храна не смее да биде објект за шпекуланти и коцкари“.

На Ајгнер меѓутоа и‘ е јасно, дека за успех е потребно воведување на вакви правила меѓународно ниво. Франција веќе ја постави оваа тема на дневниот ред на самитот на земјите од Г-20 и Ајгнер е многу задоволна поради тоа.

Автор: Сабине Кинкарц/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска