1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се’ помалку работа за младите во Велика Британија

Британскиот премиер Дејвид Камерон истакна дека се залага да најде решение за проблемот со невработеноста кај младите во Велика Британија. Во земјата има речиси еден милион невработени млади.

default

Британскиот премиер Дејвид Камерон

Атија има 18 години и бара работа веќе шест месеци. И покрај тоа што била на неколку разговори за работа, таа вели дека и натаму чека на првото вработување:

„Навистина е тешко. Најчесто бараат работно искуство, а јас немам искуство во работењето со муштерии и со канцелариска работа.“

Многумина обвинуваат дека Атија и околу еден милион млади како неа се засегнати од владините мерки за штедење. Голем број претпријатијата и локални органи на власт ширум земјата воспоставија ембарго на нови вработувањата, што значи дека оние кои завршуваат училиште треба да почекаат на првото вработување.

„Поминаа веќе шест месеци и се прашувам дали има смисла да барам работа, кога знам дека веќе помина долго време. И‘ порачувам на владата: погледнете ги младите луѓе кои се обидуваат да направат добра кариера, а владата ги уназадува со мерките за штедење“, вели Атија.

Дополнително образование за „заборавената половина“

Според проценките на британскиот институт за истражувања „Демос“, невработеноста кај младинците во Велика Британија може да порасне на 1,2 милион. „Демос“ неодамна објави извештај наречен „Заборавената половина“, кој се осврнува на лошата положба на младите луѓе без високо образование.

Во извештајот на Демос се вели дека голем број млади ја сфаќаат неопходноста од понатамошно образование. Околу 300.000 од нив посетуваат различни програми за да се стекнат со диплома. Но, Мет Грист од „Демос“ вели дека тоа најчесто е ќорсокак:

„Проблемот со овие образовни програми е што не се поврзани со останатите делови од образовниот систем, немаат голем углед кај работодавачите и при тестирањата не покажуваат доволно високо ниво на квалитет. Со овие квалификации нема да добиете поголема плата. Напротив може да заработувате и помалку од вообичаеното.“

Далекусежни последици од владините штедни мерки

Dossierbild England Hochzeit Kate Middleton Prinz William Bild 1

Постои опасност британската младина да заостане

„Демос“ го истакнува недостатокот од советување на младите луѓе во поглед на кариерата. Совети при барањето работа младите добиваат во Центарот Конекшнс во градот Рединг.

Младите луѓе доаѓаат во центарот за да побараат помош при професионалната определба. Службеничката во центарот Дајана Ештон вели дека како последица на владините мерки за штедење од неодамна и тие работат во намален обем.

„Во нашиот центар двапати имаше отпуштања. Работата ја загубија повеќе службеници. Сега не одиме во училиштата толку често како порано, што е навистина штета, оти оттаму започнува се‘. Советниците мора да почнат да работат со младите луѓе што е можно порано. Ако добијат добри совети за професионалната определба во училиштата, поверојатно е дека ќе направат добар избор за тоа што сакаат да работат и ќе им биде појасно какви очекувања имаат работодавачите. Владините мерки многу не’ погодија“, вели Ештон.

Во извештајот на „Демос“ се препорачува укинување на социјалното осигурување за работодавачите кои вработуваат млади на возраст под 25 години, со цел што повеќе млади луѓе да добијат работа.

Од институтот предупредуваат дека постои опасност британската младина да заостане, исто како во 80-те години, кога во земјата имаше голема невработеност, во времето на Маргарет Тачер како премиер. Мет Грист од „Демос“ истакнува:

„Искуствата од раните 80-ти години покажуваат дека луѓето кои во младоста подолго време немале работа, заработуваат помалку во текот на целиот живот. Често се јавуваат и други последици, како на пример депресија, ментални здравствени проблеми предизвикани од долг период без работа. Тоа се нарекува ‘заплашувачки ефект’, кој навистина може негативно да влијае врз примањата, а на подолг период и‘ штети и на економијата.“

Демотивирана „ниска класа“

Deutschland Arbeitslose Jobzenter in Frankfurt

И покрај инвестицијата на владата нема значително подобрување на состојбата

Слични предупредувања доаѓаат и од центарот „Поврзување на изгубената генерација“, среде тврдењата дека ниту една влада во Велика Британија во изминатите децении не успеа да се справи со невработеноста, оставајќи зад себе демотивирана „ниска класа“ на луѓе. Дајана Ештон од центарот вели:

„Невработените кои живеат во Рединг се борат да ги добијат работните места, оти има конкуренција од подобро квалификувани луѓе од околните области, и се создава еден вид ниска класа. Кај некои семејства, ниту еден член никогаш не работел. Младите луѓе со такво потекло имаат потешкотии, оти немаат добар пример од семејството, а тешко е и за нас да ги мотивираме да направат нешто.“

Како дел од инвестицијата на владата за младите луѓе во висина од речиси 65 милиони евра, владата тврди дека 100 големи претпријатија и десетици илјади помали фирми ветиле дека ќе понудат работни места за младите луѓе да можат да стекнат првични работни искуства.

Но, со оглед на тоа што приватниот сектор во Велика Британија само во многу мала мера успева да го апсорбира вишокот на работна сила предизвикан од големите кратења во јавниот сектор, се чини дека голем број млади може уште со години да чекаат на првото вработување.

Автор: Ник Мартин / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор:Симе Недевски