1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се поголем број на банкротирани домаќинства во Германија

Во првата половина на годинава 32 000 германски домаќинства им поднеле на судовите барања да бидат прогласени за банкротирани. Тоа е два пати повеќе во споредба со лани. Кога се поставува такво барање отплатата на судските трошоци и долгови се одлага. Се проценува дека бројот на оние кои се на ивица на приватен банкрот е вусшност многу поголем. Има семејства кои поднесуват барање за банкрот веќе за неколку илјади евра вели Виктор Бирк од бонското Советувалиште за должници - установа која заеднички ја финансираат добротворните организации на католичката и протестантската црква - Каритас и Ѓаконише верк. Најчестите причини за банкрот се развод или болести, а сега се почесто невработеноста поради која приходите не се доволни за издржување на семејствата. Бирк не е сигурен што да мисли за најновите владини предлози за реформа на пазарот на работа - скратување на периодот во кои се прима надокнада за невработени случаи или ако невработеноста не се пријави на време , тој вели:

"Мислам дека системот, кој е замислен во моментов е потполно нефлексибилен. Тоа значи дека луѓето уште подполго ќе чекаат од моментот кога западнале во невоља до времето на првата исплата. Денеска оној кој се пријавува во заводот за вреаборување чека на првата плата 8 до 12 недели. Тоа значи дека со последната заработувачка мора да преброди два до три месеца што е невозможно. Порано се зборуваше дека човек мора да има заштедено две плати за да преброди два месеца без заработувачка, но таква заштеда денеска речиси и никој нема", вели Бирк. Според него само делумно е точно дека се повеќе Германци живеат над можностите и дека со кредити си ги финансираат купените автомобили, станови или одење на скапи летувања. Трошоците за живот за многу семејства се едноставно превисоки, пред се за семејствата со повеќе деца за што Бирк вели:

"Се смета дека една четвртина од нето заработувачката би требало да се даде на кирија, а за семејство со три до четири деца им се потребни 30 до 40 посто од заработката, а некогаш и до 50% за да платат кирија. И тогаш за секојдневните трошоци остануваат премалку пари. Кога децата ќе пораснат, растат и трошоците, бидејќи денеска дете од 14 или 16 години е возрасен човек - и во кино или на било кое друго место плаќа таква цена, а нема никави приходи. Тие пари мора да ги пронајдат родителите," вели Бирк. Причините поради што и многу млади луѓе запаѓаат во финансиски тешкотии Бирк ги гледа и во бескрајното телефонирање на мобилен телефон и воскитесметки. А ако се земе прдви дека младите се порано ја напуштаат родителската куќа, трошоците за домаќинство и автомобилот многу бргу го надминуваат домашниот буџет. Бирк оценува:

"Нашиот совет е да се пресмета колку чини автомобилот месечно и тогаш да се остават резерви за три месеца. Доколку за тој период тие пари не се потрошат тогаш заработувачката е доволна за издржување на автомобилот. Во спротовно, младиот тогаш нема можност да вози", вели Виктор Бирк од советувалиштето за презадолжени.