1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се повлекуваат последните германски војници од Босна

Најдолгата мисија на Бундесверот е завршена. По повеќе од 17 години од Босна и Херцеговина се повлекуваат последните тројца германски војници.

Германската армија соопшти дека тројцата војници ќе ја напуштат Босна и Херцеговина до викендот. Од 1996 година во БиХ беа стационирани околу 63.500 германски војници, кои го обезбедуваа мирот во земјата. За време на мисијата во изминатите години загинаа 18 припадници на Бундесверот.

Целта на операцијата „Алтеа“ беше обезбедување на мирот во Босна и Херцеговина по склучувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година. Со договорот требаше да се постигне траен мир во регионот, во кој од 1992 до 1995 година се водеше војна.

Годинава германското учество во мисијата „Алтеа“ беше сведено на само петмина војници. Нивна задача беше да ги обучуваат босанските безбедносни сили. Тројцата војници кои сега ја напуштаат БиХ беа ангажирани во главниот штаб на ЕУРОФОР, во кампот Бутмир кај Сараево.

Генералниот секретар на германската владејачка Христијанско-демократска унија, Херман Грее, им изрази почит и признание на војниците. Тој им се заблагодари на „неуморниот ангажман за мир“ во земјата. Војниците придонесоа „Босна и Херцеговина, по стравовите на граѓанската војна повторно да добие шанса за добра иднина“, изјави генералниот секретар на ЦДУ.