1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се‘ повеќе Македонци сакаат „Слоу фуд“

Македонија ги следи европските трендови што се однесуваат на начинот на исхрана. Пред неколку години е формиран првиот „Слоу фуд“-клуб. Денес поборниците на оваа филозофија се се‘ побројни.

default

Македонскиот граѓанин тешко ги менува навиките. Особено оние кои што се однесуваат на исхраната. Брзото темпо на живот и економските тешкотии се главните причини поради кои денешниот Македонец се храни нездраво. На менито доминира брзата храна. Но, група ентузијасти решија да ја промовираат филозофијата на „Слоу фуд“. Ги инспирирала чистата и незагадена македонска почва и разноликоста на традиционалната домашна кујна.
„Здравјето влегува преку уста“

„Здравјето влегува преку уста“

Владимир Србиновски е еден од членовите на „слоу Фуд“ семејството во Македонија, кое од ден на ден е се‘ побројно:
„Во последно време ова движење зема се‘ поголем замав, и се‘ поприфатено е од луѓето во Македонија свесни за потребата од здрав живот и здрава исхрана.“
Свесни за значењето на храната и големиот број скандали и модерни болести предизвикани од индустриското производство на храна, се‘ поголем е бројот на луѓе во Македонија кои му го вртат грбот на „Фаст фуд“ начинот на исхрана. Сплотени во идејата да го подобрат кавалитетот на животот за себе и за идните генерации организираат разни манифестации за промоција на филозофијата на „Слоу фуд“.
Да се ужива во храната
Николче Николовски е од групата „Слоу фуд“ од Битола. Овој технолог е свесен колку вистина има во изреката дека здравјето влегува преку устата.
Логото на „Слоу фуд“ движењето

Логото на „Слоу фуд“ движењето

„Моја професионална определба е производството на храна, што го сметам за благодет. Од друга страна, израснат сум во семејство кое посветува многу внимание на храната. На појадокот кај нас се‘ уште има млеко, а ручекот е подготвена храна, не е фаст фуд.“
Мотото на поборниците на „Слоу фуд“-филозофијата во Македонија е да се ужива во храната што е добра, што подразбира вкусна и свежа, што е чиста, односно незагадена и вистинска. На прашањето колку пати на менито има брза, вештачка храна, Живко Јаневски, наставник по професија, одговара:
„Со добра организација може да се избегнат чипсови и други грицки, кои што не се произведени според ’Слоу фуд’-филозофија.“
Македонците не сакаат да слабеат
Македонците се задоволни од својата телесна тежина и не практикуваат посебен режим на исхрана. За нив ручекот останува главен оброк, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од групацијата ГФК, една од водечките меѓународни компании за истражување на пазарот. Според ова истражување, што се спроведува континуирано секоја година во април, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници на возраст над 15 години, дури 55 проценти се изјасниле дека сакаат да ја задржат моменталната тежина.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска