1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се‘ повеќе луѓе работат, а не можат да преживеат

Се‘ повеќе луѓе во Германија заработуваат премалку за да имаат доволно средства за живот, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, повикувајќи се на најнови податоци од Сојузната агенција за труд.

И покрај тоа што имаат работа со полно работно време или работа со скратено работно време, се‘ повеќе луѓе во Германија не заработуваат доволно за да преживеат. Од податоците на Сојузната гаенција за работа, кои ги презентира весникот „Зиддојче цајтунг“, се забележува дека во поседните четири години континуирано се зголемува бројот на работниците кои заработуваат повеќе од 800 евра бруто месечно, а кои сепак имаат потреба од дополнителна државни средства (таканаречени Харц 4 средства) поради тоа што примањата не им се доволни за егзистенцијален минимум.

Според најновите статистички податоци, во 2012 година од ова биле погодени 323.000 домаќинства. Пред три години бројот на домаќинствата кои имаат потреба од дополнителна помош, и покрај тоа што членовите се вработени, беше за 20.000 помал. Уште поголем е порастот на бројот на самци кои бараат помош од државата. Нивниот број во истиот период се зголемил за 38 проценти и изнесува 75.600.

Работниците кои имаат потреба од дополнителни државни средства за да преживеат се вработени пред се‘ во трговијата, гастрономијата, здравствениот и социјалниот сектор, а помош бараат и таканаречените позајмени работници, кои се вработуваат преку фирми за посредување работна сила.

Опозицијата во Германија бара воведување минимална плата во државата, во висина од 8,5 евра за час. Владејачките партии ЦДУ и ФДП, наспроти тоа, сакаат диференцирано воведување минимална плата според бранши и региони.