1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се‘ повеќе луѓе бараат азил

Во индустриските земји, според податоците на ОН, лани е забележано зголемување на бројот на барањата за азил од 20 проценти во однос на 2010-та година.

Најголем број барања за азил во најбогатите земји во светот минатата година поднеле жители на Авганистан, а по нив следат Кинезите и Ирачаните, се наведува во годишниот извештај на Меѓународниот комесаријат на Обединетите нации за бегалци.

Значително е зголемен бројот на Тунижаните, Либијците, Пакистанците и Сиријците, кои побарале засолниште во западните земји.

Вкупниот број на барањата за азил во 44-те најбогати земји во светот лани се зголемил за 20 проценти, на 441.300. Тоа е највисокото ниво од 2003-та година досега.

Триесет и седум илјади Авганистанци побарале минатата година азил, што е една третина повеќе во споредба со претходната година. Многумина од нив бегаат од сиромаштијата и опасностите со кои се соочуваат во родната земја.

Минатата година азил побарале 24.400 Кинези, што е 13 отсто повеќе од претходната година. Тројца од пет Кинези бараат азил во САД..

Бројот на Ирачаните кои лани побарале азил достигнал 23.500 лица или 14 проценти повеќе во однос на претходната година. Како и повеќето Авганистанци, бегалците од Ирак побарале засолниште во Европа, а особено во Германија и Турција.

Србите, кои беа на прво место според бројот на поднесени барања за азил во 2010-та година, лани го зазедоа четвртото место. Пакистан, пак, скокна од осмата на петата позиција на листата на земји од кои доаѓаат бегалци.

Револуциите и бунтовите во Сирија, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Либија и Египет се причина за зголемување на бројот на бегалците во тие земји. Повеќето од нив се насочиле кон јужна Европа.Вкупно бројот на барањата за азил од тие пет земји се зголемил за 16.700 во споредба со 2010-та година.

„На овие податоци треба да се гледа во перспектива. Бројот на сите поднесени барања за азил минатата година е помал од бројот на жителите во бегалскиот камп Дадад во Кенија, каде се сместени 462 илјади Сомалијци, кои избегаа од граѓанската војна во нивната земја“, изјави Високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутереш. Најмалку 1.500 емигранти, претежно од Сомалија, загинале минатата година, обидувајќи се да стигнат до Европа.

Европа и натаму е најпривлечната дестинација за бегалците, во 27-те земји-членки на Унијата се поднесени вкупно 277.400 молби за азил, за 15 проценти повеќе од претходната година.

Најголем број нови барања за азил се регистрирани во САД - 74 илјади. На второ место е Франција со 51.900 барања, а на трето место е Германија со 45.700 барања.