1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Се повеќе американски жртви во Ирак

Во напад на ирачките бунтовници во градот Рамади, загинаа дванаесет американски војници.

Американски војници на периферијата на Фалуџа

Американски војници на периферијата на Фалуџа

Десетици Ирачани, според првите извештаи од Рамади, ги нападнале позициите на американските војници во близина на гувернерската палата. Притоа се убиени значителен број Ирачани, се вели од министерството за одбрана во Вашингтон. Кој точно го извршил нападот, во кој животот го загубија дванаесет американски војници, сеуште не е познато. Загубите во Рамади се меѓу најголемите на американската армија од почетокот на војната пред една година. Градот е инаку упориште на Сунитите и на приврзаниците на екс-диктаторот Садам Хусеин.

За борбите и загубите на американска страна во Рамади, американскиот претседател, Џорџ Буш доби информација на неговиот ранч во Тексас, каде се наоѓа за време на велигденските празници.Тој денеска изутрина преку видео конференција треба да биде информиран за актуелната состојба од страна на Националниот совет за безбедност и цивилниот управник во Ирак, Пол Бремер. Освен тоа, во текот на денот, Буш треба да води и телефонски разговор со британскиот премиер, Блер.

Во градот Фалуџа, во т.н. сунитски триаголник, борбите продолжуваат. Убиени се еден американски војник и околу триесетина Ирачани. Во меѓувреме, соопштено е дека во наредните недели ќе биде уапсен радикалниот шиитски духовен водач, Моктада ел Садр. Се е подготвено за обвинение против Садр, изјави советник за правни рпашања на американските сили во Ирак. Надлежните ирачки судии ги имаат пред се документите, изјавите на очевидци и медицинските извештаи. На Ел Садр му се префрлаат три кривични дела – вмешаност во атентатот на Сајед Мазид ел Кои во Наџаф, потоа смртта на три патници во такси пред четири месеци и запленување на донациите во повеќе џамии минатата година. Ел Садр во моментов се наоѓа во Наџаф, откако ја напушти џамијата во градот Куфа каде што беше забарикадиран со негови приврзаници. Тој се повлекол, за како што соопшти негов портпарол, да спречи крвопролевање.

Сега Американците во Ирак се соочуваат со два фронта. Досега отпорот беше главно концентриран во подрачјата населени со Сунити, а од неодамна и Шиитите кои се приврзаници на радикалниот духовен водач, Моктада ел Садр, се кренаа на бунт барајќи повлекување на странските сили од земјата.

Вашингтон и покрај се има намера да продолжи со почнатото во Ирак. Министерот за одбрана, Доналд Рамсфелд, вели дека командантите во Ирак можат доколку изразат барање да добијат уште сили на располагање: ”Тие ќе донесат решение за тоа што им е потребно и тоа ќе го добијат. Во моментов немаат најавено промена на плановите, но такво барање можат да поднесат во секое време. ”