1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се‘ поверојатни нови избори во Грција

Во Грција пропадна и вториот обид за состав на влада, со што нови парламентарни избори стануваат се‘ поверојатни. Европскиот кризен фонд ЕФСФ испрати предупредувачки сигнал.

Шефот на радикалниот левичарски сојуз Сириза Алексис Ципрас синоќа го врати мандатот за состав на нова влада.

„Нашите предлози ги поддржува големо мнозинство во народот, но само една мала партија во парламентот“, разочарано изјави Ципрас во Атина.

Претходно повеќе партии, меѓу кои и конзервативната Нова демократија и социјалистичкиот ПАСОК, откажаа тесна соработка со Сириза. Ципрас целосно ги одбива барањата на меѓународните кредитори за реформи заради спас на Грција. Она што Атина го прифати во врска со европскиот пакет за помош за него е „рамно на нула и неважечко“, повтори тој пред почетокот на сондирачките разговори со политичките партии во парламентот.

На ред се социјалистите

Griechenland Wahlen 2012 Linke Alexis Tsipras SYRIZA

Алексис Ципрас се откажа од формирање на грчка влада

Според уставот, на ред да си ја проба среќата за состав на грчка влада сега е третопласираната партија на изборите - ПАСОК. Нејзиниот лидер, екс-министерот за финансии Евангелос Венизелос, најави натамошни напори за состав на влада откако денеска претседателот Каролос Папуљас ќе му го додели мандатот.

Но, времето не работи во корист на Грција. Доколку до 17-ти мај не биде формирана стабилна влада, на средината на јуни се неизбежни нови избори.

Шефот на конзервативната Нова демократија Андонис Самарас најави подготвеност за поддршка на малцинска влада, но само со предуслов Грција да остане во еврозоната. ПАСОК и Нова демократија заедно имаат само 149 од вкупно 300 места во парламентот и се зависни од помошта на најмалку уште една партија.

Една милијарда евра помалку

И покрај несигурноста околу новата грчка влада, прекумерно задолжената земја доби натамошна меѓународна финансиска инјекција. Директориумот на европскиот кризен фонд ЕФСФ даде зелено светло за натамошни 5,2 милијарди евра помош од вториот пакет помош за Грција. 4,2 милијарди ќе бидат исплатени веќе денеска, додека преостанатата една милијарда евра на Грција нема да и‘ биде потребна пред јуни, гласи образложението на Директориумот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, како и премиерите на двете земји погодени од кризата - Шпанија и Португалија, побара од партиите во Атина придржување на одредбите од Пакетот за финансиска помош.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Брисел беше дециден.

Griechenland Wahlen 2012 Evangelos Venizelos

Сега и шефот на ПАСОК Евангелос Венизелос ќе се обиде да формира влада

„Судбината на Грција во еврозоната сега е во рацете на Грците. Тие самите мора да се свесни што ставаат на коцка доколку еднострано ги откажат постигнатите договори“, истакна Вестервеле.

Слично мисли и Јерг Асмусен. Во весникот „Ханделсблат“ тој, како прв член на раководството на ЕЦБ, се изјасни во врска со опцијата - истапување на Грција од еврозоната. Брисел полека го губи трпението со Грција. Многумина искажуваат респект пред демократската изборна одлука на Грците, но предупредуваат - не оди истовремено задржување на еврото, а одбивање на курсот на штедење. Меѓу нив е и луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн.

„На Грците треба да им е јасно - ако веќе 80 прпценти од нив се за останување во еврозоната, треба да ги поддржат партиите кои спроведуваат таква политика. Во спротивно, многу сочувствувам со Грците, но доаѓа момент на проиграна шанса од страна на Грција, што исклучително болно ќе го погоди народот“, нагласи Аселборн.