1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се отвора чадорот за спас ЕСМ

Денеска стартува Европскиот механизам за стабилност. 17-те министри за финансии од еврозоната ќе го дадат знакот за почеток на работа на моќната служба која треба да се носи со финансиските пазари.

Шефот на Еврогрупата Жан Клод Јункер го нарече Европскиот механизам за стабилност, ЕСМ, „историско постигнување за европската интеграција“. Основниот капитал на ЕСМ изнесува 700 милијарди евра, од кои 500 милијарди евра стојат на располагање за поддршка на нестабилните евро-земји и нивен спас од евентуален банкрот. Трајниот фонд со седиште во Луксембург е најголемата меѓународна финансиска институција и централна европска брана против кризи.

Merkel Bundestag nach ESM Entscheidung

Бундестагот во Берлин

Советот на гувернери на ЕСМ ќе го сочинуваат министрите за финансии на земјите од еврозоната. Шеф на институцијата е германскиот економист Клаус Реглинг, кој досега го раководеше набрзина скрпениот чадор за спас на еврото, ЕФСФ. Кога ЕСМ ќе почне со работа, најголем удел во него ќе има Германија, како најголема земја во еврозоната, 27 проценти или износ од 190 милијарди евра. Оваа сума меѓутоа не може да биде надмината без согласност на германскиот парламент, Бундестагот.

ЕСМ може веднаш да биде применет. За разлика од претходниот Фонд за спас, ЕФСФ, сегашниот Европски стабилизациски механизам располага со над 80 милијарди евра во готово. Поради тоа германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле го смета за многу поефикасен:

„Зашто ништо не е толку уверливо за финансиските инвеститори како уплатите на земјите членки на еврозоната во ваков стабилизирачки механизам“, истакнува Шојбле.

Моќноста на ЕСМ според еврокомесарот за монетарни прашања Оли Рен може да биде и зголемена. Според него, ЕСМ е важен елемент и алат на ЕУ и еврозоната по кој може да се посегне во случај на потреба да се стабилизира ситуацијата на пазарот. Но, Рен потенцира дека економски разнишаните земји мора да ги спроведуваат своите програми за штедење и структурните реформи.

Како функционира ЕСМ?

Земја членка на еврозоната во случај на потреба доставува барање до раководителот на Советот на гувернери на ЕСМ, а потоа со договор се регулираат условите. Доколку се исполнат барањата за штедење и реформи, Европската централна банка може да помогне со купување обврзници. Веднаш штом ќе биде формирана европска централна банкарска супервизија, Фондот ќе има можност директно да ги помага и загрозените банки во членките на еврозоната.

Непосредно по денешната конститутивна седница за ЕСМ, во Луксембург министрите за финансии ќе се советуваат околу ситуацијата во Грција и во Шпанија, во моментов економски најпроблематичните држави. Бидејќи извештајот на меѓународните финансиски инспектори за Грција се‘ уште не е завршен, во Луксембург не се очекува донесување одлука околу натамошните мерки. Исто така засега не се очекува барање од Шпанија за финансиска помош. Шпанскиот министер за финансии Луис де Гуиндос ќе ги информира своите колеги околу плановите за штедење и планираните реформи. Во 57 шпански градови вчера повторно десетици илјади луѓе протестираа против рестриктивниот курс на владата, само во Мадрид на улиците излегоа околу 60 илјади граѓани.