1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се одбележува 1. мај, Меѓународниот празник на трудот

Ширум светот денеска се одбележува празникот на трудот - 1. мај. Во поголемиот дел од светот се организираат штрајкови и протести на кои преовладуваат барања за поголеми работнички права.

Меѓународниот празник на трудот - Први мај денеска се одбележува ширум светот во знак на сеќавање на денот кога во 1886 година околу 40 илјади работници во Чикаго стапија во штрајк и ја прекинаа работата, барајќи подобри услови за живот.

Вториот конгрес на Работничката интернационала одлучи од 1890. година на 1. мај да се одржуваат масовни манифестации, демонстрации и штрајкови, како еден вид класна борба, што од крајот на 19. век и почетокот на 20. век доби масовни размери.

Во Македонија Сојузот на синдикати започнува со кампања за формирање локални економско – социјални совети. Целта е преку нив да се зајакнат структурите на локално ниво. Ваквиот начин на одбележување на 1 Мај, Сојузот на синдикати на Македонија го практикува од 2010 година кога започна со кампањата за зголемување на членството. Празникот на трудот со непосредни средби со граѓаните ќе го одбележи и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Во Градскиот парк во Скопје претставници од синдикатот ќе ги информираат граѓаните за синдикалното движење, за правата на работниците, за значењето на празникот на трудот, како и за последните измени во одредени законски решенија и за начинот на синдикалното организирање.

Во пресрет на 1 Мај, вчера во Скопје беше потпишана и Повелба за солидарност меѓу Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Самостојниот синдикат на клиничките центри, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани и Синдикатот на македонската дипломатска служба.