1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се наоѓа ли лесно работа во Германија?

Во многу професии во Германија се бараат професионалци. Но, до сега е тешко емигрантите да се вработат во професијата за која се обучени. Од април оваа година тоа треба да се олесни со Законот за признавање на дипломите.

Во паб на периферијата на Келн Слободанка Папаз ја врзува келнерската престилка, ги контролира пијалоците, става пепелник пред вратата и ги мие чашите за пиво. Подготовката на пабот за вечерта е рутина за 44-годишната жена. Таа вели дека ужива во работата.

„Локалниот паб е дневна соба за многу луѓе. А, во времето кога работам тој е и мојата дневна соба. Тоа е во ред“, вели Слободанка Папаз.

Оваа босанска Србинка всушност се школувала за градежен инженер и цели 18 години работела во својата професија. Пред шест години таа дојде во Келн, како што објаснува, поради својот сопруг Германец.

Очекувањата се едно, а реалноста друго нешто

Slobodanka Papaz Bauzeichnerin

Слободанка Папаз

„Кога дојдов во Германија имав сосема поинакви очекувања. Сакав да имам мало семејство, а во меѓувреме со сопругот се обидувавме да добиеме дете. Доста ми беше од кариера во мојот живот. Си реков себе си: сега изгради едно семејство. Но, едноставно тоа не се случи“, раскажува Слободанка Папаз, чија желбата за деца останува неисполнета.

Во домот во Келн Слободанка ја има папката со работничката книшка од Сараево, со дипломи, писма за препорака и преводи. Овие работи треба да и’ помогнат за да работи во Германија во својата професија.

Таа побара признавање на нејзиното образование од Индустриската стопанска комора. Со тоа таа е една од првите што го користи Законот за признавање на дипломите, кој е на сила од април годинава. Од тогаш, независно од земјата на потекло, секој има право да побара потврда на дипломирањето во странство. Но, Слободанка сега работи под својата квалификација. Исто така и за жителите од ЕУ често долго трае постапката додека да им биде признаена дипломата во Германија.

Проблеми имаат и луѓето кои доаѓаат од ЕУ

Пример за тоа е аптекарката Симони Пелораиду од Грција, која од пред една година е во Германија и од пред неколку месеци работи како келнерка во грчка кафетерија во Келн. Таа во Грција завршила фармацефтски студии, а во Германија сака да работи како аптекарка.

Simoni Peloriadu Griechin Apothekerin

Симони Пелориаду

„Ниту еден од моите познаници тука не знае со сигурност да ми каже. Едни велат - можеш дирекно да ја добиеш твојата медицинска лиценца, бидејќи Грција припаѓа на Европа, а другите велат дека морам да направам трет државен испит. Тоа едноставно така не оди“, забележува 26-годишната Гркинка.

На почетокот една Бугарка, која ја запознала во аптека, ја сметала за соодветен соговорник. Но, преводот на нејзината диплома бил одбиен. Листата на компетентните преведувачи и адвокати, која и‘ била дадена, излегло дека е лажна. Преводите биле загубени, а признавањето на нејзината професија станало долготраен процес.

Трка по умови

Во иднина оваа ситуација треба да се промени. Од декември 2012 година процесот на признавање треба да трае најмногу три месеци.

Deutschland Arbeit Laboratorium

Многу стручни кадри од странство, вклучувајќи ги и земјите на ЕУ, имаат проблеми со признавањето на дипломата за завршено образование

„Натпреварот за најдобрите умови започна, за во земјата да дојдат квалификувани луѓе и нивните квалификации колку што е можно побрзо да бидат признаени, за работната сила во земјата домаќин да има корист и секако мигрантите да можат за започнат да работат“, вели Клаус Јирген Баде, претседател на Советодавниот одбор на германските фондации за интеграција и миграција.

Но, новиот закон има сериозни слабости. Тој до сега ги третира професиите, кои низ цела Германија се регулирани со исти правила. Некои професии, како што се професор, инженер или негувател, се регулирани различно во различните сојузни покраини. Со Законот за признавање на дипломите се има намера да се постават исти правила. Да се прави проценка на законот е се’ уште премногу рано.