1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се креваат завесите на 63. Берлинале

Меѓународниот филмски фестивал во Берлин е магнет за публиката и е еден од најважните филмски фестивали во светот. Денеска (07.02.) започнува 63. Берлинале.

Се’ е како и секогаш, но на ниво и со некои забележливи акценти - вака може да се сублимира она што гостите на 63. Берлинале ги очекува наредните денови. Мешавина од продукции на големите студија и се’ посилните независни филмски продуценти, ветува директорот на фестивалот Дитер Кослик. Ќе може да се видат многу филмови од и за жените, и според традицијата на Берлиналето ќе се прикажат филмови за актуелни општествени и политички предизвици.

Примери се наоѓаат во сите секции на овој фестивал, во чија програма се вклучени вкупно 404 филмови. За нагрaдите, Златната и Сребрените мечки конкурираат 19 продукции, и меѓу нив се покажува дека киното понекогаш задира во чувствителни теми.

Така на пример носителот на Оскар, Босанецот Данис Тановиќ раскажува за егзистенцијални нужди, но и за животната храброст на едно ромско семејство од Босна и Херцеговина. Неговиот филм „An Episode in the Life of an Iron Picker“ го снимаше со лаици - актери и делумно со рачна камера.

Deutschland Berlinale 2013 Wettbewerb Filmszene Epizoda u zivotu beraca zeljeza

Политичко кино од БиХ

Русинот Борис Клебников гледачите ги носи на северот на неговата земја, на полуостровот Кола, и во неговиот филм „Synopsis“ ја инсценира трагедијата на еден чесен човек, кој не сака да биде повлечен во калта од корупција и алчноста и притоа рискира се’ што му е вредно и важно.

Исто така и американскиот режисер Гус ван Сант снимаше политички трилер за актуелен еколошки проблем. Во неговиот филм „Promised Land“ станува збор за новиот метод за црпење природен гас и нафта „Fracking“. И се разбира станува збор за добивката од вложениот капитал, ризиците и страшните опустошувања на природата, кои се предизвикуваат со овој метод. „Голема тема“, вели Кослик.

Со нетрпение се очекува и иранскиот филм „Pardé“ од Јафар Панахи и Камбозија Партови - филм за двајца затвореници во една куќа без изгледи, и покрај тоа што ирански суд во 2010 година го осуди Панахи, со 20 годишна забрана за пишување и режија поради „Пропаганда против системот“.

Германија оваа година само со еден филм оди во „лов на мечките“, со вестернот „Gold“ на Томас Арслан.

Deutschland Berlinale 2013 Wettbewerb Filmszene Gold

Сцена од филмот „Gold“

Кој на крајот ќе ги освои посакуваните трофеи, ќе одлучи меѓународното жири во чиј состав се познати личности од браншата предводени од кинескиот фимлаџија Вонг Кар Веи.

Еден од носителите на наградите веќе сега е познат: Францускиот режисер Клод Ланцман ќе ја добие почесната Златна мечка за животно дело. Ланцман според Кослик сосема неспорно го има снимено најважниот филм за Холокаустот „Shoah“.

63. Меѓународен филмски фестивал во Берлин свечено ќе бдие отоврен денеска (07. февруари) во Палатата на Берлиналето. На овторањето се очекуваат познати личности од светот на филмот од Германија и странство.