1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се конституира македонското Собрание

Собранието на Македонија на конститутивната седница ги верификува мандатите на новите пратеници. На првиот ден од нивната работа, демонстрантите против полициско насилство поднесоа граѓанска иницијатива во парламентот.

default

Во Собранието на Македонија денеска се конституираше новиот парламентарен состав. Наспроти последните месеци, пред да бидат распишани вторите вонредни избори, кога бојкотот беше главно средство на опозициското дејствување, денеска (25.06.2011) опозицијата е присутна во Парламентот, исто како и старата Влада со премиерот Никола Груевски, поранешните претседатели на државата, амбасадорскиот кор и за првпат избраници од дијспората.

„Сите едногласно, како во некогашните стари времиња“, заклучи духовито, највозрасниот пратеник Љубисав Иванов, откако избраниците на народот гласаа за верификација на мандатите на сите 123 пратеници. Првиот социјалист, со познатата доза на хумор, раководеше со првото свикување на седмиот избран законодавен дом.

Mazedonien Parlament NO FLASH

Ова е седми состав на Собранието од независноста на Република Македонија во 1991 година, и прв што ќе брои 123 пратеници. Повеќе од 60 насто од парламентарците се веќе искусни пратеници. Најмногу пратеници на вонредните парламентарни избори освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 56. Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) доби 42 мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) - 15, Демократска партија на Албанците (ДПА) - 8 и Националната демократска преродна (НДП)- двајца. Првпат во Собранието ќе седнат и двајца пратеници на НДП, чиј лидер е Руфи Османи, еден од оние на листата на градоначалници, кои се откажаа од своите мандати.

Протести пред парламентот

Додека во парламентот се говореше, пред него свирежи и негодување од групата млади демонстранти, кои ја бараат вистината за убиството на младиот Мартин Нешкоски, извршено само еден час по завршувањето на изборниот ден на 5 јуни.

Mazedonien Proteste Jugend Martin Neskoski

„Сакаме правда, дојдете со нас“ - извикуваа на албански и македонски јазик неколкуте стотина млади, кои во парламентот доставија седум барања. Приоритетни се целосна и непристрасна истрага за убиството на младиот активист на ВМРО-ДПМНЕ од припадникот на специјалната единицa „Тигри“ Спасов, како и одговорност на полицискиот тандем, министерката Гордана Јанкуловска и гласоговорникот Иво Котевски, за прикривање на целиот скандал и дезинформирање на јавноста. Неделникот „Фокус“ пишува дека полицијата на трипати го менувала извештајот за полноќниот инцидент на 5 јуни и убиството на момчето.

„Да се надеваме дека оваа власт ќе има храброст да прифати сопствена одговорност за сторените грешки и ќе се пробуди тоа чувство на моралност да не ги прикриваат“, изјави еден од младите демонстранти, кои и денеска тргнаа од споменикот на Мајка Тереза.

Прва задача на новиот парламентарен состав ќе биде избор на новата Влада. За наредната недела е оставена завршната средба на лидерите Никола Груевски и Али Ахмети, а групите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја оформуваат заедничката владина програма и кадровските решенија.

Автор: Александар Чомовски/ миа

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM