1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Се здружија европските десни радикали

Шест европски десно-радикални партии одлучија да се здружат во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај следната година. Нивната цел е да ги повратат националните надлежности од Брисел

Претставници на францускиот Национален фронт, италијанската Северна Лига, шведските Демократи, белгијските Фламс Беланг и словачката Национална партија одржаа состанок во Виена на кој домаќин беше австриската Партија на слободата, од кој произлегол договорот за поблиска соработка.

„Постојат бројни значајни патриотски партии во Европа кои ги препознаваат проблемите и се подготвени да соработуваат“, соопшти денеска Хајнц Кристијан Штрахе, лидер на австриската Партија на слободата (ФПО). По изборите за Европскиот парламент во мај, постои реална шанса ова партнерство да ни овозможи формирање силна парламентарна група, дополни Штрахе.

Алијансата ќе биде формализирана по средбата на сите партиски лидери. Датумот за таа средба се уште не е утврден.

Состанокот во Виена беше одржан само два дена откако лидерите на францускиот Национален фронт, Марин Ле Пен и на холандската Партија на слободата (ПВВ), Герт Вилдерс најавија формирање на „историска“ алијанса на евроскептични партии која ќе се бори на ЕУ изборите.

Партијата на Вилдерс не беше присутна во Виена, но Штрахе најави дека наскоро ќе се сретне со контроверзниот холандски политичар.

Претходните обиди за здружување на радикалните партии на европско ниво беа неуспешни.

Анкетите покажуваат дека Националниот фронт во Франција и Северната Лига во Италија, како и австриската ФПО уживаат релативно висока поддршка меѓу граѓаните. На септемвриските избори во Австрија, ФПО освои 20 проценти од гласовите.

За формирање на европска парламентарна група потребни се седум партии. Се најавуваат разговори и со британската УКИП, но засега не е контакти со унгарската анти-семитска и анти-Рома партија Јобик.

Од новоформираната алијанса тврдат дека тие не се против ЕУ.

„Ние не сме против Европа, ние сме за Европа... но не за централизирана супер-држава која се оддалечува од своите граѓани. Ние го поддржуваме европскиот мировен проект, но сметаме дека тој се движи во погрешна насока“, вели Штрахе.

Платформата на најавениот сојуз се спротивставува на членството во ЕУ на не-европски држави како Турција, и бара од Брисел да им ги врати надлежностите на државите -членки.