1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се зголемува дефектот во македонската демократија

Задушување на невладиниот сектор и опозицијата, прекумерно вработување во јавната администрација, високо ниво на корупција, лоши економски политики и политички популизам. Анализа на Бертелсман за Македонија

Македонија е меѓу земјите во Источна и Југоисточна Европа со најголем пад во вредностите на политичката и економската трансформација, покажува истражувањето на угледната фондација Бертелсман за периодот 2012-2013 година кое беше презентирано денеска. Земјата забележала пад за три места на листата која го оценува демократскиот статус и благо напредувала, за едно место, според статусот на пазарната економија.

Во најголемиот дел од параметрите, според кои Бертелсман фондацијата ги влече заклучоците за напредокот на земјите, Македонија во изминатите две години не покажала напредок. Тоа особено се однесува за политичките параметри, каде најголемото назадување е забележано во делот на меѓународниот углед на земјата, политичките кризи, скандали и политичката поларизација. Поголемо назадување од Македонија во овој аспект има само Унгарија.

Генерално, во делот на политичката трансформација, Македонија котира во втората група на ткн. „Дефектни демократии“. Првата група ги опфаќа ткн. „Демократии во консолидација“. Зад Македонија на листата од посочениот регион се единствено Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Во делот на економската трансформација, земјата е вброена во редот на „функционалните пазарни економии“ со просечна оценка која е малку повисока од оние на Црна Гора и Србија. Во првата група, наречена „развиени пазарни економии“ се земјите од Источна и централна Европа, меѓу нив и Словенија, а во третата група на „пазарни економии со функционални проблеми“ се само три земји, Албанија, БиХ и Косово.

Во детали, извештајот на Бертелсман за Македонија е критичен во повеќе сфери од политичкото и економското живеење:

Nikola Gruevski und Viktor Orban

Меѓународниот углед на Унгарија и Македонија забележал најголем пад. Премиерите Виктор Орбан и Никола Груевски

„Владејачките партии во Македонија ја зајакнаа контролата врз бројни демократски институции во земјата (вклучително и НВО секторот, медиумите, универзитетите и истражувачките институти). Владата го зголеми бројот на вработените во јавната админстрација, обидувајќи се на тој начин да создаде голема база на политички лојални поддржувачи во јавните служби.

Конзервативната владина коалиција во Македонија го зголеми бројот на државните службеници за повеќе од 50 проценти од 2006. година досега, со што си отвори потенцијал за партиско-политичка патронажа.

Загрозена поделбата на власта

Јавните инвестициски проекти им се доделуваат на специфични бизнис групи кои ја поддржуваат владата.

Официјалната поделба на власта на извршна, законодавна и судска е загрозена поради личните релации на премиерот, неговата придружба, неговите роднини и лојалните поддржувачи на владејачката партија кои се на позиции во институциите чија формална улога треба да биде токму контрола на работата на владата.

Политичкото мешање и владиниот селективен пристап кон реформите ја загрозуваат имплементацијата на правосудните и антикорупциските реформи.

По изборната победа во 2006. година ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја прошири својата политичка база меѓу делови од општеството кои, на некој начин, беа запуштени во првите 15 години од независноста на државата (како малите земјоделци, на пример), а во истовреме, од друга страна, преку легална и илегална редистрибуција на социјалното и државното богатство да ја промени генералната структура на елитите во општеството.

Овој проект беше успешно спроведен благодарение на многу интензивната, и скапа, популистичка пропаганда насочена кон менување на јавната перцепција кон владините политики, преку драматична експанзија на бројот на вработените во јавната администрација (од 95 илјади во 2006 до преку 150 илјади во 2012 година), кои станаа составен дел од гласачката машинерија на владата на изборите и преку директни напади не само врз легитимните политички

Skopje 2014 Gebäude der Regierung

Бројот на вработените во јавната администрација од 90 илјади во 2006, се зголемил на 150 илјади во 2013 година

опоненти, туку и врз сите, од НВО секторот до бизнис заедницата, академијата, медиумите, кои имаа храброст јавно да се спротивстават на владините проекти и политики.

Лоши економски политики

Претседателот на државата Ѓорге Иванов кој беше избран во 2009 година, не успеа да изврши влијание врз политиката, која е под големо влијание на доминантната партија.

Ефектите од големата светска финансиска криза од 2009. - 2010. година немаа широко влијание врз Македонија, но реалната економија во земјата страдаше, а илјадници приватни бизниси банкротираа.

Негативните ефекти од кризата, зголемени поради погрешните владини економски политики, беа почувствувани во 2012 и 2013 година. Владата организираше „роуд-шоу“ за да ја промовира позитивната бизнис клима и да ги зголеми странските директни инвестиции. Сепак, резултатите од директните странски инвестиции се многу разочарувачки.

Антикорупциската правна регулатива постои, но постојните закони не се спроведуваат доволно. Повеќе домашни и меѓународни извештаи укажуваат дека корупцијата во Македонија е сериозен и раширен проблем кој погодува многу аспекти од социјалниот, политичкиот и економскиот живот. Најголеми проблеми и натаму се селективниот приод во примената на законите и замижувањето пред широко раширените конфликти на интерес меѓу владините претставници.

Ниту еден единствен случај на корупција на високо ниво во актуелната влада не е откриен или кривично гонет во последните 6-7 години. Владата ги користи обвинувањата за корупција за да ги дискредитира и дисквалификува опозициските политичари, иако дел од сомнежите се оправдуваат со начинот на работа на претходните, опозициски, влади. За пример на случај кој бил политички мотивиран во Бертелсман го сметаат апсењето и пресудата за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan

Црквата сѐ повеќе се меша во политичкиот живот во земјата

Мешање на црквата во политиката

Од Бертелсман фондацијата забележуваат и засилено мешање на верските институции (Македонската православна црква и Исламската верска заедница) во политичкиот живот во земјата. Верските лидери нудеа бројни, различни, директни политички коментари и мислења на целосно нерелегиозни теми. Тие се охрабрувани и силно и официјално поддржани од конзервативната влада. Присуството на верски претставници и иницијатива е значително зголемено во јавната сфера. Јавниот сервис МРТВ нашироко информира за сите верски активности.

Цивилната контрола врз армијата е на место, но демократската контрола врз разузнавачките служби е проблематична: се работи за тело кое го раководи роднина на премиерот, и чиј буџет беше значително зголемен откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година.

Медиумската сопственост во земјата е многу концентрирана и поврзана со политиката. Уредниците и новинарите се под зголемен политички притисок и закани, што резултира во широко распространета само-цензура. Од фондацијата ги наведуваат и примерите со затворената телевизија А1, како и повеќе весници на македонски и на албански јазик. Владата одбира да се рекламира само во јавниот сервис и во про-владините медиуми со што ја зголемува нивната финансиска моќ на сметка на про-опозициските медиуми.