1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Се’ започна со реклама за „Јегермајстер“

Пред 40 години еден провинциски германски клуб ја промени фудбалската историја. Раководството на Ајнтрахт Брауншвајг одлучи да стави реклама на дресовите на фудбалерите, потег кој предизвика големи реакции.

Денес тешко можат да се замислат дресовите на фудбалерите без реклами. Но, до почетокот на 70-те години од минатиот век дресовите на фудбалерите биле резервирани само за спорт: за традиционалната боја на клубот, неговиот грб и бројот на играчот на грбот.

Во 1973 година Ајнтрахт од Брауншвајг беше во сериозни финансиски проблеми. Подготвен да му помогне беше Гинтер Маст, сопственик на дестилеријата која го произведува ликерот „Јегермајстер“. Но, на рекламите на дресовите на спортистите тогаш жестоко се спротивстави Германскиот фудбалски сојуз кој не сакаше да дозволи играчите да се претворат во движечки реклами. Но се работеше за 300 илјади тогашни германски марки, кои му беа и тоа како потребни на клубот, па одговорните одлучија да ја прифатат понудата служејќи се со малечка измама.

Имено клубот на своето собрание одлучи да го промени својот грб. Дотогаш заштитен знак на клубот беше лав, симбол на војводата од Саксонија, а на негово место требаше да се постави глава на елен со препознатливите рогови, до денес логото на „Јегермајстер“ (фотографија горе).

„Грбот се смени многу малку, а лево и десно од главата на еленот беа поставени буквите Е и Б (Ајнтрахт Брауншвајг)“, се присетува портпаролката на клубот Мирјам Херцберг.

Лавината тргна

Фудбалскиот сојуз не можеше ништо да стори, доколку некој клуб сака да го смени грбот има право на тоа. Освен тоа, Ајнтрахт и не беше некоја фудбалска величина, се работеше за клуб од самата граница со тогашна источна Германија и со оглед на неговата бедна финансиска состојба, тешко можеше да се очекува да стане првак.

Сепак, медиумската врева околу грбот на Ајнтрахт во целост ја оствари целта на производителот на ликерот. На 24 март 1973 година тимот за првпат настапи во своите нови дресови и речиси секој фотограф сакаше да го документира овој невиден потег на клубот од провинцијата, за да го објави во својот весник. Рекламата за „Јегермајстер“ на тој начин се појави во повеќе од илјада весници, а Фудбалскиот сојуз мораше да сфати дека доаѓаат нови времиња во кои дресовите повеќе нема да бидат поштедени од реклами.

Веќе на почетокот на следната сезона 1973/74, рекламата на дресовите беше дозволена и таа шанса веднаш ја искористија четири клубови: Хамбург, Дуизбург, Диселдорф и Франкфурт. По само четири години, во 1978, сите клубови веќе имаа свој главен спонзор, иако се’ уште се збиваа шеги на нивна сметка. Па така покојниот кабаретист Ханс Дитер Хиш се шегуваше: „Ја следиме завршницата на дуелот меѓу ’Кампари’ од Франкфурт и ’Јегермајстер’ од Брауншвајг“.

По дресовите се продадоа и стадионите

AOL-Arena in Hamburg, Fußball

АОЛ арената во Хамбург

Сепак со текот на времето се навикнаа и навивачите, како што и клубовите се навикнаа на приходи од спонзорите. Веќе во 1998 година Борусија Дортмунд од модната куќа „Ес Оливер“ за реклама на дресовите доби рекордни 12,5 милиони марки. Денес тој износ е еднаков на просекот кој клубовите годишно го добиваат од своите спонзори. Клубовите во меѓувреме сфатија дека немаат друг избор освен реклами на дресовите.

Во изминатите години, далеку поголеми се средствата кои клубовите ги добиваат од правата на ТВ преноси, но во фудбалот парите и онака никогаш не се доволни. Се откриваат и нови извори на приходи. Па така Хамбург во 2001 година стана првиот клуб кој го продаде и името на својот стадион. И тогаш навивачите се колнеа дека тоа е „продажба на душата на клубот“, но денес ретко да постои клуб чиј стадион го носи старото име.