1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се заострува спорот меѓу Русија и Грузија

Русија го засили своето воено присуство во конфликтниот регион Абхазија, која е фактички независен регион во Грузија. Москва чекорот го образложува со страхување од можноста во Абхазија да влезат грузиски војници.

default

Се зголемува бројот грузиски војници во долината Кодори во Абхазија

Руските војници се стационирани во Абхазија според мандатот добиен од заедницата на независни држави во 1994 година за да го гарантираат мирот во конфликтниот регион. Сега почнува игра зо оган. Грузија и Русија се бомбардираат со меѓусебни обвинувања и закани. Во спорот околу влијанието, се чини, обете страни претпоставуваат можен оружен конфликт во отцепената од Грузија, република Абхазија. Меѓународно-правно таа и припаѓа на Грузија, но де факто е самостојна и е под руска заштита. Москва неодамна најави дека ќе ги интензивира односите со Абхазија, но всушност без официјално да ја признае. Целата сегашна збрка треба да се посматра и како казнена акција, зашто Грузија посакува членство во НАТО.

Оттогаш затегнатостите секојдневно се зголемуваат. Често се зборува и за воен конфликт. Претставник на владата на Абхазија вчера изјави:

„Грузиската страна го засилува военото присуство во регионот. Бројот на трупите изнесува скоро 3 илјади. Довлечени се и хаубици во долината Кодори. Тоа не зборува за мирољубиви намери„.

Долината Кодори е единствениот дел на Абхазија што го контролира Грузија и се смета за демилитаризирана безбедносна зона меѓу страните во конфликтот. Инаку, Абхазија, подеднакво како и Јужна Осетија, и припаѓа на Грузија, но по распадот на Советскиот сојуз, и по граѓанските војни, тие се отцепија од Грузија.

Претставник на руското министерство за надворешни работи изјави дека е итно неопходно, руските трупи стационирани во регионот со мандат на Заедницата на независни држави да го одржуваат мирот, да бидат засилени:

„Ситуацијата се заострува, зашто Грузија презема чекори на дестабилизација. На пример, со зголемување на воените и полициските трупи. Или со извидувачки прелетувања преку зоната на конфликтот. Освен тоа, Грузија одбива договор со Абхазија за неупотреба на сила во потрагата по решение на конфликтот„.

Грузија ги отфрла ваквите обвинувања, и тврди дека тоа се намерни дезинформации од руска страна, за да се зголеми затегнатоста. Тбилси и префрлува на Москва дека има намера да го анектира регионот. Русија најави дека во случај на напад, воено ќе ја поддржи Абхазија. Грузија од своја страна, побара помош од НАТО. Сето ова се случува во ситуација кога наводно сите сакаат едно: мирно решение на проблемот на Абхазија.