1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се заканува ли хуманитарна катастрофа во Сирија?

Граѓанската војна во Сирија незапирливо беснее. Страдањето на сириското население во меѓувреме е толку големо што меѓународните организации стравуваат од катастрофа. Се погласни се барањата за пауза во борбите.

Луѓето во Хомс се во очај. 18 денови тие се под постојан артилериски оган на сириската армија. Стотици досега загинале, а повредените речиси и да не можат да бидат згрижени. Нема ништо за јадење. Сите ја очекуваат копнената офанзива против срцето на отпорот градската населба Баб Амр која има околу 80 илјади жители, сведочи новинарот Мохамед Ораби.

„Бомби во тони паѓаат врз Баб Амр зашто тука се забарикадирани борците на Слободната сириска армија, кои ги прифаќаме тука од почетокот на револуцијата. Амбулантите се цел на бомбите и сега ги носиме повредените во безбедни куќи. За јадење веќе нема ништо. Каде се организациите за човекови права каде е Црвениот крст или Црвената полумесечина?“

Апел за пауза во борбите

Од нив сега би можела да пристигне помош. Меѓународниот црвен крст имено е единствена странска организација која се’ уште има 30 претставници во Дамаск. Со денови се преговара со сириските власти. Целта се паузи во борбите и коридори за доставување помош до Хомс и други кризни области.

„Најголем проблем останува слободниот пристап. За жал веќе имаше мртви кај нашиот партнер Црвената полумесечина. Многу е опасно. Затоа бараме привремен прекин на борбите за сите области. Дури потоа може да ја доставиме помошта“, изјави портпаролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Биџан Фарнуди.

И претседателот на оваа организација Јакоб Келенберг од Женева го засили повикот за секојдневен двочасовен прекин на огнот во Сирија за да се згрижат големиот број цивили и повредени.

Властите во Дамаск и натаму без одговор

Меѓутоа има и критики за преговорите меѓу Црвениот крст и режимот на претседателот Башар ал Асад. Опозиционерите стравуваат дека хуманитарните коридори би можеле да му послужат на Асад како отворање на вратите за конечно сузбивање на отпорот. Сепак опозициската Слободна сириска армија искажа подготвеност за таков прекин на огнот. Претставниците на режимот меѓутоа уште не се изјасниле за ваквото барање.

Вице-генералната секретарка на ОН задолжена за хуманитарни прашања Валери Амос затоа вчера побара од сириското раководство предводено од Асад, да им обездеди непречен пристап на хуманитарните организации до цивилното население.

Автор: Улрих Лајтхолд/ Симе Недевски/дпа/ртр

Редактор: Александра Трајковска