1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се заканува ли расцеп на партијата на Македонците во Албанија?

Македонската алијанса за европска интеграција, единствена партија на Македонците во Албанија, се сочува со сериозни внатрепартиски разединувања. Причина - неуспехот на парламентарните избори.

default

Парламентот во Тирана - партијата на Македонците на изборите имаше слаб резултат

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција беше регистрирана пред 5 години, а на локалните избори, пред 2 години освои градоначалничко место. Сега во партијата има тивки бранувања, придружени со одредени опструкции присутни пред одржувањето на првиот партиски конгрес. „Триењата“ избија на виделина деновиве и постои опасност да преминат во сериозна криза, и поделба на единствената партија на Македонците во Албанија. Фракцијата ја предводи Таќо Гроздани, претседател на регионалниот комитет за Корча. Тој своите несогласувања ги покажа уште при изборот на органите на партијата, кога по многу убедувања, сепак ја прифати функцијата генерален секретар, но остана „ внатрепартиска опозиција“. Сега, региналниот комитет за Корча бара одговорност за лидерот Едмонд Темелко, поради слабите резултати на изборите, како морален, демократски чин, вели Гроздани.

Доколку не бидат прифатени барањата, Гроздани најавува формирање нова македонска партија. Барање партискиот лидер да замине од функција, Гроздани поднесол и на седница на Централниот комитет на партијата, но тоа му било одбиено. Наспроти тоа, бил предупреден да го реорганизира комитетот во Корча.

Партискиот лидер Едмонд Темелко не чувствува вина за неуспехот на изборите

Неуспехот е резултат на региналниот пропорционален изборен систем, кој однапред ги осудува помалите партии на неуспех, тврди Едмонд Темелко. Со него се согласува и Васил Стерјовски, претседател на Унијата на младите, за кого главен виновник за неуспехот во Корча е токму Гроздани, кој заедно со други функцинери од овој комитет агитирале за социјалистите, а коалицирале со демократите.

Albanien Wahlen Ministerpräsident Sali Berisha in Tirana

Сали Бериша - договорено е што неговата влада треба да реализира за Македонците во Албанија

Од партијата ги отфрлаат и обвинувањата зошто се коалицирало со демократите на Сали Бериша. Оттаму велат дека сите знаат оти се договорени три главни точки кои новата влада на Бериша треба да ги реализира: поголеми инвестиции во регионите каде што живеат Македонците, вклучување на Македоцните во инситуциите на системот на сите нивоа и афирмација и зајакнување на правата на Македонците.

И досегашната влада на Бериша даде голем придонес за подобрување на условите за живот на жителите од Мала Преспа. Само во последните две години, инвестирани се над 8 милиони евра за изградба на патишта, водовод, канализација. По формирањето на владата, најавено за десетти септември, Македонците очекуваат новиот парламент да ја усвои и одлуката за враќање на автентичните топоними на населените места во општина Пустец, документ кој веќе добил зелено светло од соодветната парламентарна комисија.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска