1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Се враќа ли еврокризата?

Се чинеше дека еврокризата е надмината, но таа би можела да се врати побрзо отколку што се мислеше. На Кипар му се потребни милијарди евра помош за спас на банките, Италија би можела да стане повторно кандидат за банкрот

Повторно e тука - Силвио Берлускони се врати. Со него се врати и грдиот збор - еврокриза. Италија по изборите веќе не е земја со реформски курс. Италија сега повторно е земја која создава нервоза на финансиските пазари, земја која е на чекор до банкрот, Берлускони-земја.

Франк Шефлер, пратеник во Бундестагот од редовите на либералите, оценува:

„Тоа покажува дека целата политика на спасување не функционира, земјите не можат да се превоспитуваат однадвор, туку избирачот решава - а тој избира влада каква што сака да има.“

Изборите во Италија ги загубија оние, кои сакаа санација на земјата преку штедење, што е тренд во Европа. Истото се случи во Франција и Грција. Политиката на штедење не е тема со која се победува во Европа. Со тоа, изборите се негативен одговор на европската политика на Германија и на канцеларката Ангела Меркел:

Керстин Андрее, заменик шеф на пратеничката група на Зелените, вели:

„Кога имаш чувство дека уште се сака да се исцеди нешто од оние, кај кои веќе воопшто нема што да се добие, и лимонот и натаму уште се притиска, тогаш луѓето веќе не те следат. Затоа резултатите се такви, а такви беа и дебатите што се водеа претходно во Италија и во други земји.“

Symbolbild Eurozeichen mit Rost

Целата политика на спасување не функционира, земјите не можат да се превоспитуваат однадвор, оценува Франк Шефлер

Експертот за буџетска политика од Социјалдемократската партија, Карстен Шнајдер, е на мислење:

„Германија многу силно, со кренат показалец, го стави штедењето во средиштето, без да се погрижи и за економскиот пораст, што се гледа и кај последниот компромис за ЕУ-буџетот. Со тоа госпоѓа Меркел си создаде проблем, затоа што сега и’ недостасуваат нејзините стабилни партнери во дадените земји.“

На пример Франција, најважниот партнер на Германија. Тие заедно важат за мотор на Европската унија. Но Франција има големи економски проблеми - министерот за финансии мораше да признае дека ни може, ниту сака да се придржува до границата на задолжување за евро-земјите. Германија од тоа не е израдувана:

Михаел Мајстер, заменик шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, очекува:

„Договоривме заеднички правила во Европа, затоа што живееме во заеднички монетарен и економски простор. Основата на се‘ е придржувањето кон правото, кон договорите. Затоа мојот одговор е - очекувам од Европската комисија да бара од сите држави членки да се придржуваат кон договорите и правото.“

Пратеникот на ФДП, Франк Шефлер, е убеден:

„Сите оние кои веруваа дека правилата ќе бидат заострени и конечно ќе се преземат мерки, на примерот на Франција, која ни годинава нема да ја исполни целта во однос на дефицитот, гледаат дека се‘ било само муабет, дека се‘ што било договорено не вреди ништо, дека се‘ било само ‘мачкање очи‘. Се гледа дека вака веќе не оди во Европа.“

Symbolbild Zerbrochene Euromünze

Дали навистина се‘ што е договорено е само муабет?

Сепак, и натаму се опстојува на досегашната политика - спас и санација. На пример, на Кипар му се потребни 17 милијарди евра од европскиот фонд за спас, за да ги спасува банките кои се под сомневање дека перат пари. Кипар важи за даночна оаза, токму за руските црни пари. Граѓаните на Кипар го избраа Никос Анастасијадес за претседател, кој сака да се зафати со проблемите, но во Германија се‘ потешко може да се објасни што и зошто ќе се спасува:

„Мора да се види каква е опасноста од ’зараза’ на останатите земји, кога изрично се дефинира важноста на земјата за системот. Мора да се видат и последиците - што ќе се случи кога солидарноста, во која на пазарите на капитал секој ни верува веќе шест месеци, во конкретен случај нема да се примени? Како тоа да се објасни?“, прашува Михаел Мајстер, заменик шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ.

Пратеникот Франк Шефлерго лоцира проблемот:

„Мора да ги поврземе ризикот и гаранцијата, а тоа не го правиме. Значи, не е  гарант оној што презел ризик, туку гарантира европскиот даночен обврзник и ги спасуваме оние што погрешно инвестирале. Во случајот со Кипар е особено апсурдно - тоа е руската мафија.“

Германската канцеларка деновиве е вчудовидувачки опуштена. Ангела Меркел реализира нормална програма - посета на Турција, државни приеми. Изборите во Италија, проблемите на Кипар или Франција, не ги коментира. Но, ќе сфати дека ако се продолжи како досега, тоа веќе нема да и’ помага ни на Европа, ниту нејзе лично. Конечно, и во Германија наскоро следуваат избори.