1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Се бара решение за статусот на професионалните војници во АРМ

Професионалните војници во АРМ го ставија во мирување протестот, штом добија ветување од министерот за одбрана Зоран Коњановски дека се бара решение за статусот на војниците, откако ќе им завршат договорите со армијата.

default

Војници на АРМ

Министерот за одбрана Зоран Коњановски вчера (25.09.09) не сакаше да открие детали околу тежиштето на разговорите со војниците, изразувајќи оптимизам дека сепак решение ќе се најде на задоволство на двете страни. „Се извинувам ние сме во фаза на преговори, а кога се преговара секој предлог е лимитиран. Значи ќе седнеме и ќе преговараме за сите предлози за кои сметаме дека се добра основа за изнаоѓање решение.“

Пред неколку дена министерот јасно порача дека Министерството за одбрана воопшто не размислува за покревање на старосната граница за пензионирање на порфесионалните војници.

Mazedonien Land und Leute

Војници

Според законот за служба во армијата професионалните војници имаат право на четири договори од по три години или максимум 12 години служба во АРМ односно до навршување на 38 години старост. Потоа тие се отпуштаат од работа, освен оние малкумина кои за време на договорите ќе успеат да дојдат до чин.

До пред неколку години горната граница за завршување на договорите на професионалните војници беше 35 годишна возраст.

Војниците веќе подолго време укажуваат дека од нив се прави проблем, затоа што од армијата си заминуваат во најубавите години за работа, кога можат најмногу да дадат, а поради несреќните законски решенија од нив се создаваат социјални случаи, со веќе оформени семејства. „Во случајот не е значајно која е границата за војниците, туку што се случува откако завршуваат нивните договори. Веќе имаат семејства со едно, две или три малолетни деца и останувата на улица. Тоа е најголемиот проблем,“ вели професионалниот војник Веле Крбалески од Координативното тело на војниците.

Според него, не е важна ниту бројката колку луѓе се зафатени со проблемот, затоа што се тоа луѓе кои страдаат. За нив е битно дека постои таков порблем и треба да се реши. „Во иднина ќе биде подрастично ако ова остане вака. Затоа се создаде Координативното тело и се потегна иницијативата за да се надмине овој проблем кој е актуелен и во иднина ќе биде уште поизразен,“ вели Крбалески.

Координативното тело е активно на територија не цела Македонија, во секоја касарна. А зад иницијативата се потпишани 1.500 до 1.600 војници.

Војниците имаат само две барања. Прво, да се укине или крене уште повисоко горната граница за нивно ангажирање, а ако тоа не е можно да им се најде соодветно место во другите делови на армијата, односно да им се овозможи да се зголеми границата за стекнување со чинови, со што би останеле во армијата.

Mazedonische Armee

Војници на АРМ

Дури на крајот, само ако некој од војниците има таква желба, тие се подготвени и да преговараат за отпремнини, што би им помогнале полесно да се снајдат во цивилство. „Значи секако дека сакаме да останеме да работиме во армијата, но ако тоа го побара НАТО или самата структура на армијата не озовоможува покревање на старосната граница тогаш ќе мора да ги прифатиме и другите солуции кои ќе го решат нашето прашање,“ објаснува професионалниот војник Зоран Ангеловски.

Професионалните војници наведуваат дека ги консултирале искуствата и на другите армии и третманот на професионалните војници. Во зависност од земја до земја, на професионалните војници им се нудат различен тип и времетраење на договорите, до најмногу 20 години. Тие на крајот завршуваат или со отпремнина или со пензионирање. Од овие причини македонските професионални војници на МО му понудија свој комбиниран модел што веруваат дека ќе даде резултат.

На крајот тие изразија разочарување од улогата и залагањето на армискиот синдикат во решавањето на нивниот проблем.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска