1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Се бара политичка зрелост од српското водство

Коментар на Верица Спасовска Слоободан Милошевиќ скоро пет години беше затвореник на Хашкиот трибунал за воени злосторства. Вчера беше најден мртов во неговата келија пред да може да биде донесена пресудата за злострствата што му се товареа. Верица Спасовска во својот коментар вели: од српското водство сега се бара политичка зрелост:

Смртта на Слободан Милошевиќ се случи во многу незгодно време. Судењето на човекот обвинет за злоторство против човештвото и геноцид пред судот на Обединетите нации, не може да се приведе кон крајот. Тоа ќе има последици за критичкото соочување со историјата во Србија, ќе им даде потик на радикалните и национално – конзервативните сили во Србија, а Хашкиот трибунал ќе го стави пред огромен притисок веродостојно да ја продолжи работата.

Приврзениците на Милошевиќ кои Меѓународниот суд во Хаг ионака го сметаат за инструмент на Запад за потчинување на Србија, во првите реакции јасно ставија на знаење дека судот го сметаат за одговорен за смртта на Милошевиќ. Иако тој и пред да отиде в затвор веќе беше срцев болесник, условите во затворот дополнително го влошија неговото здравје, гласи нивната критика. Веќе самоубиството на Младен Бабиќ пред неколку дена им послужи како доказ дека хашкото правосудство не води доволно сметка за своите затвореници.

Милошевиќ, кој се уште ужива голема популарност во српската јавност, дефнитивно ќе биде прогласен за маченик. Тоа е тежок удар за сите обиди на Запад да ја соочи српската јавност со одговорноста на српските политичари за насилството и војните од деведесеттите години. Во српската јавност сега ќе биде уште помала готовноста заедно со Хрватска и Босна и Херцеговина да го совладаат блиското минато.

Врз Хашкиот трибунал силно се зголеми притисокот што побргу да започне процес против воените злосторници Младиќ и Караџиќ за да си го поврати авторитет во јавноста. Смртта на бившиот диктатор можат додуша да ја инструментализират неговите приврзеници за да ја свртат јавноста против Запад, но ништо не се менува во фактот дека политичарите во Србија ќе мораат да се соочат со товарот на минатото.

Што значи неговата неочекувана смрт за најважните политички прашања што ќе мораат да бидат разјаснети во наредните недели и месеци? За евентуалното отцепување на Црна Гора и за разговорите за идниот статус на автономната покраина Косово која, според желбата на мнозинското албанско насление, треба да стане независна?

Овој настан скоро воопшто нема да влијае врз патот на Црна Гора кон независност, зашто со тоа голем дел од српската јавност помалку или повеќе, се помири. Меѓутоа, смртта на Милошевиќ дополнително ќе ги оптовари разговорите за Косово кои до изборот на бившиот генерал на ОВК Агим Чеку за нов премиер ионака беа под лоша ѕвезда. Запад може да очекува фронтовите уште повеќе да се заострат.

Слободан Милошевиќ веќе не може да биде казнет за она што го направи во бивша Југославија со својата политика. Тоа е штета за процесот на помирување, меѓутоа не ги ослободува од одговорност српските власти да се пресметаат со минатото и Србија натаму да ја приближуват кон европските структури. Тие имаат избор: натаму политички да ја инструментализираат смртта на бившиот диктатор или да покажат дека се зрели да ја продолжат конструктивната соработка со Хашкиот трибунал за да не ги загрозат преговорите за асоцијација. Оние што вистина сакаат да ги застапуваат интересите на српското население многу добро знаат дека за тоа нема алтернатива.

Верица Спасовска