1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се бара нов премиер

Белгија западна во нова политичка криза по оставката на премиерот Ив Летерм. Причина се тврдењата дека владини претставници вршеле притисок врз судиите во случајот со приватизација на големата банка „Фортис“.

default

Досегашниот белгиски премиер, Ив Летерм си заминува

Белгискиот крал денеска требаше да го одржи традиционалното божикно обраќање до нацијата. Меѓутоа, терминот за говорот е одложен за бадниковата вечер во среда на 24 декември. Се’ додека не биде разрешена актуелната владина криза, на кралот ќе му недостасуваат клучни зборови за неговото обраќање.

Денеска е јасно само едно нешто: земјата ќе добие нов премиер. Досегашниот претседател на белгиската влада, Ив Летерм, кој во петокот понуди оставка сега изјавува дека не сака да игра никаква улога во идната влада. Иако кралот Алберт се’ уште официјално не ја прифатил оставката на Летерм, сега се’ се врти околу прашањето, кому кралот ќе му го даде мандатот за формирање на нова влада.

Кралот бара решение

Синоќа кралот Алберт Втори ја прими претседателката на фламанската Христијанско-демократска партија, Маријане Тисен. Летерм доаѓа од нејзината партија, а веројатно и неговиот наследник на функцијата ќе доаѓа од таа партија. Во белгиските медиуми вечерта жестоко за шпекулираше дека повик да ја формира новата влада ќе му биде упатен на политичкиот ветеран од редовите на Христијанско-демократската партија, Жан-Лук Дехаен.

Belgischer König nimmt Rücktrittsgesuch von Leterme nicht an

Кралот Алберт Втори овојпат ќе мора да ја прифати оставката на Летерм

Шеесетиосумгодишниот политичар со променлив успех ја водеше владата од 1992 до 1999 година. Во моментов тој е пратеник во Европскиот парламент. Тој важи за пробивен политичар обоен со сите бои. Освен тоа, Дехаен очигледно ужива посебна доверба кај монархот. Покрај него, како можни наследници на Летерм за време на викендот беа посочени и Херман ван Ромпуј, актуелен претседател на белгискиот парламент и исто така член на Христијанско-демократската партија, како и поранешниот премиер Ги Ферхофштад, кој е член на фламанската Либерална партија. Ферхофштад и Дехаен важат за искусни кризни менаџери, кои и’ се потребни на земјата во моментов, со оглед на актуелната економска криза.

Ќе опстои ли коалицијата?

Но, не треба да се донесуваат само персонални решенија. Како прво се поставува прашањето дали ќе се одржи актуелната коалиција од пет партии во нејзината сегашна форма. Многу нешта говорат во полза на тоа, со оглед на тоа што кралот досега не се сретнал со политичар од опозицијата. Коалицијата од пет партии има јасно мнозинство во парламентот, но не е многу стабилна однатре. Второ прашање на кое треба да се одговори е: Дали ќе има предвремени избори? Редовните парламентарни избори треба да се одржат во 2011 година,но во Брисел може да се чуе дека Жан-Лук Дехаен стои на располагање само како претседател на преодната влада. Тоа би можело да значи дека Белгијците во наредната година на седми јуни нема да избираат само пратеници за регионалните парламенти и во Европскиот парламент, туку и за сојузниот парламент. Тоа би било точно една година од последните избори во земјата, од кои губитникот Летерм на крајот излезе како победник. Оттогаш наваму Белгија се тетерави од криза во криза.