1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се бара нов господар во Прашки град

Чешка денеска и утре (11/12.01) избира нов претседател. Кој во иднина ќе владее во Прашки град (дворецот во Прага кадешто е канцеларијата на претседателот), е сосема неизвесно.

Горчливо збогување на Вацлав Клаус. Во знак на протест против масовната амнестија за ситните криминалци, неговиот портрет исчезна предвреме од многу собранија. Над 100.000 Чеси во меѓувреме потпишаа петиција против последната одлука на претседателот на заминување. „Не си го претставував вака крајот на мојот мандат“, се пожали Клаус во едно радио интервју: „Тоа е медиумска кампања против мене и моите политички вредности.“

Мнозинството Чеси, по десет години што Клаус ги мина во Прашки град, се надева на политички промени. Граѓаните првпат можат директно да избираат нов претседател. Се вели дека е добро што сега се прашуваат луѓето. Но, многу е „неутешно“ што двајцата фаворити се стари комунисти. Една граѓанка на Прага коментира: „Се надевам дека нема да мораме да се срамиме за новиот претседател како досега.“

Во анкетите водат Милош Земан и Јан Фишер

Црвеното минато на Милош Земан и Јан Фишер во финишот на предизборната кампања беше предмет на многу медиумски информации. Сепак, двајцата поранешни премиери во анкетите водат јасно. Фишер, кој не припаѓа на ниедна партија и е син на преживеан од Аушвиц, нагласува: „Многу напрегнатата и нервозна ситуација во нашата земја мора повторно да се смири.“ Тој, како независен кандидат, сака повторно да им ја врати на луѓето довербата во политиката. Еден претседател мора да помирува, а не да предизвикува делби.

Teschechien Präsidentschaftswahl Zeman und Fischer

Милош Земан (л.) и Јан Фишер пред една од телевизиските дебати во кампањата

И Милош Земан се пробива со своето политичко искуство. „Состојбата во која се наоѓа нашиот политички систем е незадоволителна. Тоа се се‘ аматери. Политиката е занает што треба да се научи“, вели тој.

Се очекува рекорден одзив

На премиерата на директниот избор на претседател во Чешка се очекува рекорден одзив на избирачите. По крајот на десетгодишната ера на Вацлав Клаус, кој беше критички настроен кон ЕУ, изборот на претседател важи и како поставување насока за идната улога на Чешка во рамки на ЕУ.

И покрај јасните резултати во анкетите, изненадувања не се исклучени, вели новинарот Петр Хонцејк: „Не им верувам на анкетите. Институтите за истражување на јавното мислење работат често по нарачка на партиите. Затоа мислам дека резултатот од првата рунда е целосно неизвесен.“

Како таен фаворит важи професорот Владимир Франц, кој е истетовиран од глава до пети. Неговата кандидатура е резултат на една успешна Фејсбук-кампања. Пред се‘ младите луѓе сметаат дека уметникот е единствена вистинска алтернатива на етаблираната политика.