1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се бара земја за уништување на сириското хемиско оружје

Едно е сигурно: сириското хемиско оружје со одредени исклучоци треба да биде изнесено од земјата и уништено. Но, каде? Засега нема земја која сака да ја преземе оваа задача.

Подготовките за уништување на сириското хемиско оружје се во тек, од 23 локации се проверени 22. Уништени се 60 проценти од муницијата која не е наполнета, како и апаратите за полнење.

„Но, допрва почнува вистинската работа“, вели експертот за хемиско оружје Ралф Трап, кој долги години работел за Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ.

Зашто, треба да бидат уништени околу илјада тони хемиско оружје, што се чини е потешко отколку што се мислеше. Хемиското оружје треба да биде однесено во странство, но каде? По повеќечасовна седница ОПЦВ барем направи детален временски план. Најопасните отрови сарин и иперит, според генералниот директор на ОПЦВ, Ахмет Узумку, треба да бидат изнесени од земјата и уништени до април 2014. година. Сите останати опасни хемикалии треба да бидат транспортирани до 5. февруари и уништени до крајот на јуни 2014. година. Согласно со резолуцијата на ОН број 2118, целиот арсенал до овој датум веќе не треба да постои.

Friedensnobelpreis 2013 OPCW Direktor Ahmet Üzümcü 11.10.2013

Генералниот директор на ОПЦВ, Ахмет Узумку

Во прашање доаѓаат 190 држави

Но, досега ниедна земја не искажа готовност за уништување на отровните материи на нејзина територија. По Норвешка и Белгија, и Албанија го одби тоа поради недоволно капацитети, како што беше официјално образложено. Притоа, Албанија претходно самата се понуди, но беше конфронтирана со протести во сопствената земја и откажа. Албанија доаѓаше во предвид, зашто во 2007. година го уништи сопствениот арсенал од хемиско оружје од комунистичко време.

Секоја земја која ја има потпишано Конвенцијата за хемиско оружје може да ја понуди својата помош, значи - 190 држави. Моментно ОПЦВ води преговори со 41 држави, вели Сузан Госхех, портпарол на мисијата на ОПЦВ во Сирија. Вашингтон веќе и‘ се обратил и на Франција.

„Интересни во прва линија се сите земји кои последните години самите имале искуство со уништување на хемиско оружје“, вели Ралф Трап. Од 1997. година Конвенцијата на ОН забранува поседување на хемиско оружје.

Германија би помогнала, но само во странство

Albanien Demonstration gegen Chemiewaffen

Во Албанија имаше протести против уништување на сириското хемиско оружје

И Германија има сопствени капацитети за уништување на боеви материи и муниција. Во Минстер во Долна Саксонија во периодот меѓу 2006. и 2012. година во кругот на фирмата Гека беа уништени околу 2585 тони борбени средства.

„Таму можат меѓутоа да бидат уништувани само стари хемиски борбени средства од светските војни, но не и нервни боеви отрови, кои сочинуваат значителен дел од оружјето на Сирија“, вели Ралф Трап за Дојче веле. Но, Германија сепак има претпријатија кои располагаат со соодветна технологија, како фирмата Ајзенман од Беблинген, која градеше постројки за уништување хемиско оружје во Русија, Албанија и Јапонија.

Оваа технолошка поддршка ја понуди германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на маргините на средба со своите колеги од ЕУ: „Германија е подготвена да учествува во уништувањето на хемиското оружје технички, логистички и финансиски“.

Но, оружјето притоа не треба да биде уништувано во Германија.

Syrien 01.09.2013

Борбите во Сирија се ризик за транспорт на опасни материи

Важна е географската положба

Кои региони се погодни за уништување на хемиското оружје, Вестервеле не прецизираше. Според експертот за безбедност Оливие Мајер од Фондацијата Наука и политика, од Берлин, се чини дека улога игра и географската положба. Се работи за транспорт на исклучително опасни материи поврзани со опасност за луѓето и околината, поради што многу држави се воздржани“, вели Мајер. Но, постојат и управно-технички пречки, како во САД. Таму со закон е забранет транспорт на хемиско оружје низ земјата.

ОПЦВ бара сега земји кои не само што би го уништувале оружјето на своја територија, туку и би поддржувале транспорт низ сириското воено подрачје. Зашто за транспорт се потребни и војници обучени за случај на хаварија, како и медицински персонал за итен случај.

Во соседната држава Јордан расте загриженоста дека нема да биде извршен стопроцентен транспорт на хемиското оружје и дека дел од него ќе остане. За таа цел германската Сојузна служба за заштита на населението и помош при катастрофи доби налог да обучува јордански лекарски персонал за итен случај и материјално да помогне.

Ралф Трап смета дека ќе дојде до компромисно решение, при кое во уништувањето на опасните материи ќе учествуваат повеќе држави. И Оливие Мајер е со мислење дека ќе бидат најдени подготвени држави.

„Инаку би била вистинска иронија, да се инвестира толкав политички капитал за да се постигне договор со Асад, а потоа да не се најде никој кој би го транспортирал и уништувал оружјето“.