1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара доживотна суспензија за Платини

Ј. Рафлер / ЕМФ24 ноември 2015

Претседателот на УЕФА Мишел Платини мора да стравува од доживотна суспензија од страна на Етичката комисија на Светската фудбалска федерација ФИФА.

https://p.dw.com/p/1HBpQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Bieri

Адвокатот на Мишел Платини, Тибо д‘Але, за агенцијата АФП денеска потврди дека истражната Судска комора на Етичката комисија побарала првиот човек на УЕФА да биде доживотно суспендиран. На почетокот на неделава Комисијата соопшти дека Судската комора отворила постапка против Платини и против, исто така суспендираниот, шеф на ФИФА Сеп Блатер.

Претходно, двајцата беа суспендирани за период од 90 дена. Станува збор за постапка која е отворена по сомневањата за „нелојална исплата“ и малверзации во ФИФА, во склоп на истрагата на швајцарските и американските власти. Имено, станува збор за исплата од 1,8 милиони евра од Блатер на Платини за консултантски услуги. „Има еден договор... тоа стои и во актите на ФИФА, дека договор може да се склучи писмено или усно. Станува збор за усмен договор, договор за работа“, изјави Блатер во неделата во едно телевизиско интервју, обидувајќи се да објасни дека договорот со Платини е регуларен. Парите биле префрлени во 2011 година, односно речиси 10 години по завршувањето на наводните консултантски услуги од страна на Платини.