1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се бара втор сведок за бомбата во Бон

Дали по алармот за поставена бомба во Бон треба да се избегнуваат масовни собири? Германската влада не гледа причина за тоа. Дали во Бон беше извршен обид за напад? Полицијата се‘уште истражува.

Германската влада, по пронајдениот експлозивен материјал на железничката станица во Бон, предупредува од претерани реакции. Не постојат никакви докази за постоење зголемена терористичка опасност, особено на божиќните панаѓури, истакнува Министерството за надворешни работи од Берлин. Двајцата осомничени од Бон и четири дена по алармот за поставена бомба не се фатени. Истрагата поаѓа од обид за напад, иако не е јасно дали зад него стојат терористи.

Интензивна истрага

Од вчера итно се бара и уште еден човек-сведок. Уште пред двете момчиња кои чекале воз да укажат на сомнителната патна торба, која ја оставило лице на 30 до 35 години, според полицијата, оставената торба била пријавена на штандот за информации на железничката станица од страна на еден околу 40 години стар маж. Полицијата сега го бара заради дополнителни информации. Постои и фото-робот на мажот кој наводно ја оставил торбата. Ден по алармот беа уапсени двајца граѓани, но кратко потоа беа ослободени. Бон е познат по својата салафистичка сцена, затоа медиумите шпекулираа на почеток дека зад нападот се кријат салафисти.

Festnahme Bonn Bombenalarm

Патната торба со експлозив

Вилфрид Албисхаузен од Сојузот на германските инспектори за борба против криминал за Дојче веле изјави дека истрагата се одвива во правец на исламистичката сцена, односно исламистички тероризам, но и во други насоки.

„Се разбира, истрага се одвива во сите правци. Но, јавноста оваа информација понекогаш ја доживува како флоскула. Истовремено, имаме и конкретни индиции дека е можно да станува збор за исламски тероризам, но не ги исклучуваме ниту другите опции, тоа е правило во криминалистиката“.

Истрагата се‘ уште не е на сојузно ниво

Главен збор во истрагата има полицијата во Келн. Но, ако се потврди сомнежот за терористичка закана, во целиот случај ќе се вклучи Сојузната служба за борба против криминалот и државниот обвинител, додава Албисхаузен.

Државното обвинителство е највисока инстанца за кривично гонење кога се работи за внатрешна или надворешна безбедност во Германија. Врховниот државен обвинител Харалд Ранге уште не гледа повод да ја преземе истрагата. Уште нема доволно докази кои упатуваат на терористичка заднина, изјави тој завчера.

Покрај фото-роботот, објавена е уште една видео снимка, од камера во ресторанот на Мек Доналдс на железничката станица во Бон. На неа се гледа човек кој носи сина патна торба, онаква како онаа во која е пронајден експлозивот. Полицијата соопштува за низа изјави во врска со човекот. Вилфрид Албисхаузен истакнува:

„Засилено е присуството на полицијата, делумно во униформи, делумно во цивил. Граѓаните можат да бидат сигурни дека полицијата будно следи што се случува. Но, и граѓаните се претпазливи. Двете момчиња на железничката станица направија извонредна работа, ги презедоа првите чекори и ја информираа полицијата“.

Инаку, уште не се знае дефинитивно дали бомбата во торбата можела да експлодира. Пронајдени се делови од запалката, но не и иницијалната каписла.