1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Се бараат итно негуватели на стари лица!

Германија старее, се‘ повеќе луѓе имаат потреба од нега. Денеска (20.10) Бундестагот треба да донесе закон со кој на вработените ќе им се олесни негата на нивни роднини. Но, во оваа сфера е потребна темелна реформа.

default

Германија е соочена со хроничен недостиг на негуватели

Во иднина, оние што се грижат и негуваат свои роднини, би требало да можат да го намалат своето работно време до две години, со тоа што притоа ќе претрпат извесни финансиски загуби. За таа цел, државата на работодавачите ќе им дава финансиска помош. Така барем предвидува законот кој денеска е на дневен ред. Ова нема да биде голема реформа во сферата на нега, на која се‘ уште се чека поради несогласувања во коалицијата. Притоа, ситуацијата во сферата на нега на стари лица е напрегната до пукање по шавовите. Домот за стари лица „Санкт Конрад“ во Берлин, не е исклучок.

Потрагата по негуватели е речиси невозможна мисија

Берлинскиот центар за сениори „Санкт Конрад“ е дом на Каритас. За старите во домот, меѓу другите, се грижи и Диана Андржјевски. Таа е обучена негувателка на стари лица. Има одбрано професија која во Германија важи за неатрактивна. Но, Диана не може да си претстави да работи нешто друго:

Altenpflege in einem Seniorenzentrum

Работа во смени, слаба плата - имиџот што ја следи на професијата не е најдобар

„Јас практично влетав. Тоа беше социјален проект кој траеше една година. Можев да бирам меѓу градинка или работа со стари лица. Дојдов во еден старечки дом и толку ми се допадна, што си реков - океј, ова е мојата професија.“

Раководителката на домот „Санкт Конрад“, Кристијане Зиферт, бара итно вакви луѓе, но потрагата е често попуста:

„Речиси е невозможно. Ако денес немам негувател, имам на пример една соработничка која заминува во пензија, тогаш рацете ми се врзани.“

Работа во смени, во тимови во кои хrонично нема доволен број луѓе, слаба плата - тоа е имиџот што ја следи оваа професија. По три години обука, негувателите добиваат просечно по 2200 евра бруто плата. Голем дел од установите се обидуваат офанзивно да привлечат заинтересирани, меѓу другото и со изгледи за напредување.

Проблемот е познат со години, политиката спие

Од 1990-тите години, се присетува Кристијане Зиферт, постојано се намалува бројот на места за обука за оваа професија, а се намалува постојано и бројот на заинтересирани. Андреас Вестерфелхаус од германскиот Совет за нега, кој е заедница на здруженијата за нега, критикува - проблемот е познат со години:

Symbolbild Altenbetreuung

До 2025 година, според проценките на здруженијата, ќе бидат потребни плус 300.000 негуватели

„Политиката тоа го преспа. Многу рано почнавме да разговараме околу недостиг на лекари, притоа сосема заборавајќи дека има сличен, ако не и многу поголем проблем со структурен недостиг на негуватели. Знам голем број установи кои во меѓувреме нудат премии до пет илјади евра за вработените ако тие донесат нов соработник.“

Премии за старите и болните да бидат негувани. Андреас Вестерфелхаус од германскиот Совет за нега, веќе сега гледа вонредна состојба во оваа сфера. Сите студии покажуваат дека бројот на стари луѓе на кои им е потребна нега енормно се зголемува. До 2025 година, според проценките на здруженијата, ќе бидат потребни плус 300.000 негуватели.

Германија не е прв избор на негувателите од странство

Многу установи, па и политиката, се насочени кон доселениците, пред се‘ од азиските земји. Министерката за труд Урсула фон дер Лајен сака да ги намали пречките за работа во Германија за квалификуваниот персонал од странство. Но, Вестерфелхаус се сомнева дека само ваквата мерка е вистинското решение:

Leben im Altersheim

Германците во иднина ќе мора да плаќаат многу повеќе доколку сакаат во староста да бидат достоинствено згрижени

„Всушност, сите други држави на светот, па и во рамки на ЕУ, имаат ист проблем. Ние, како сојузи имаме потпишано етички кодекс, со кој се откажуваме од структуирано привлекување луѓе од други земји, затоа што на тој начин се отвораат дупки во другите земји.“

Освен тоа, се покажува дека Германија не е првиот избор на обучените негуватели на стари лица. Во скандинавските земји платите се подобри, а и професијата ужива многу повеќе признание. Советот за нега е сигурен - Германците во иднина ќе мора да плаќаат многу повеќе доколку сакаат во староста да бидат достоинствено згрижени. Она што е итно неопходно е инвестирање во обука на негуватели.

Автор: Дорис Краних / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска