1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Се‘уште се чека фаворитот

Филмскиот фестивал во Венеција, кој за многумина, бездруго, е мајка на филмските фестивали, и годинава презентира одлични филмски хитови. Во исчекување на финалната одлука на стручното жири, програмата тече во полн ек.

default

Филмот на Софија Копола „Некаде“ во трката за Златен лав

„Венеција се подразбира како пробна сцена за филмскиот фестивал во Тороното, кој се одржува една недела подоцна и кој е целосно ориентиран кон продажбата на филмовите“, вели Марко Милер, уметнички директор на филмскиот фестивал во Венеција, кој претходно никогаш толку јасно не ја објаснил маркетиншката функција на фестивалот:

„Тоа е проблем на кино-сезоната: необичните филмови во принцип излегуваат наесен или во зима и затоа имаме среќа. Нашите конкуренти во Торонто создадоа одличен филмски пазар за филмовите кои својата премиера ја доживуваат во Венеција. Тоа е една од причините зошто филмаџиите со нетрпение го очекуваат крајот на летото - имено, за да ги соберат првите фестивалски филмски искуства.“

Од мелодрама за балерина до кунг-фу

Необичен метеж беше забележан на премиерата на филмот на Дарен Аронофски, „Црниот лебед“, психотрилер од балетското милје со кој беше отворен фестивалот. Музиката од „Лебедово езеро“ на Чајковски е најдоброто нешто од трилерот за уморните коски, болната душа и напнатиот сексуален живот на една балерина чија улога ја носи Натали Портман. Интересно е што романтичната мелодија на Чајковски мора да илустрира шокантни сцени во стил на тинејџерски хорор филм. Во тој поглед, помалку софистицирана е музиката од филмот „Машет“ на Роберт Родригез, но затоа, пак, неговиот хумор е побогат.

67. Filmfestival Venedig BLACK SWAN

Натали Портман во „Црниот лебед“, овогодишниот филмски фаворит во Венеција

„Машет“, „Црниот лебед“ и многу други филмски остварувања богати со кунг-фу и други опасни боречки вештини беа пречекани со громогласни аплаузи - знак дека нивната продажба ќе биде добра. Поинаку е со конкурентските филмови. Кај нив доминираат воздржани сцени и префинета содржина со длабока заднина, како на пример „Норвешка шума“, филм на режисерот Тран Ан Хунг, адаптација на романот од Харуки Мураками.

Израелско-палестинскиот конфликт на филм

Американскиот уметник Џулијан Шнабел, пак, стана познат со необичните психолошки драми како „Баскијат“ од 1996 година. Во филмската конкуренција во Венеција оваа година е застапен со филмот „Мирал“. Шнабел е приврзаник на т.н. кино со политичка заднина, што го прави единствен во Лидо. Новиот филм се базира на книга од неговата животна сопатничка со палестинско потекло, Рула Џебреал. За филмот во кој се расветлува израелско-палестинскиот конфликт, Шнабел вели:

„Конфликтот треба што поскоро да се реши. Да ја пренесам книгата на мојата сопруга на филмското платно беше еден вид обврска за мене, дури и поради моето потекло како американски Евреин. Мислам дека сум способен добро да ја раскажам приказната на другата страна. Мора да најдеме заедничко разбирање - само тоа ги прави исплатливи напорите.“

Дотолку е наивен и филмот, како што вели самиот Шнабел. Во сплет од епизодни приказни се опфатени судбини на неколку жени од крајот на Втората светска војна, па се` до денес. И покрај тоа што филмот провокативно и доста површно ја застапува страната на Палестинците во целиот проблем, проткаен е со мношто емоции и без сомнение ќе предизвика дискусии во јавноста. Шнабел доследно поврзува крути политички факти со емоционален пристап кон раскажувањето, со што загарантирано ќе го привлече вниманието на публиката. Со мешавината од сопствениот стремеж и забава, овој филм е типичен за овогодишното издание на филмскиот фестивал во Венеција за кого досега важеше дека уметноста и бизнисот не мора да бидат спротивности.

Автор: Петер Клаус / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска