1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Серија инциденти во Скопје- осуда од партиите

Политичките партии во Македонија ги осудија инцидентите кои се случија на повеќе автобуски линии во Скопје. Министерката за внатрешни работи се сомнева дека некој сака да ги наруши меѓуетничките односи.

default

Нападите се случувале во автобуси на ЈСП

Во трите одвоени инциденти кои се случија на автобуски линии во Скопје во текот на ноќта и денеска (07/08.03), повредени се десетина лица, претежно млади. Непознати напаѓачи упаѓале во автобуси на јавното сообраќајно претпријатие и ги напаѓале патниците со „безбол“ палки. Од МВР се уште ги истражуваат случаите. Министерката Гордана Јанкулоска ги осуди инцидентите и повика на смирување на тензиите. 

„Не ја исклучувам можноста дека во Македонија има луѓе кои посакуваат нарушување на меѓуетничките односи, меѓутоа убедена сум дека се многу помногубројни од оние кои не го посакуваат тоа и кои ќе дадат сопствен придонес за смирување на тензиите, откривање на предизвикувачите на инцидентите и демистифицирање или демаскирање на сите они кои посакуваат етнички тензии и ќе ги осудат нивните тенденции“, изјави Јанкулоска.

Според податоците на МВР, нема координираност меѓу инцидентите кои се случија, а мотивите биле различни.

Апели до граѓани и од политичките партии. Опозициската СДСМ побараа надлежните институции да ги преземаат сите неопходни мерки за превенција од натамошна ескалација на тензиите.

Gordana Jankulovska Innenministerin Mazedoniens

Гордана Јанкулоска

„Владејачката коалиција има одговорност да покаже дека Македонија е правна држава и дека сторителите, директните извршители и поттикнувачите на овие инциденти ќе бидат соодветно санкционирани. Политичкото раководство на МВР има целосна одговорност да ја зачува довербата на граѓаните во полицијата. На крај апелираме до сите граѓани да не потпаѓаат на смислени провокации“, изјави партискиот секретар Андреј Петров.

Да се избегне политизација

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираа да се избегне политизација на инцидентите.

„Апелираме да не се става етнички контекст на секој инцидент којшто се случува во Република Македонија и уште повеќе апелираме до политичките партии под никакви услови да не си дозволуваат овие инциденти да ги злоупотребуваат за политичка пресметка помеѓу себе“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ЛДП оценуваат дека Македонија влегува во крајно опасна зона во која инцидентите можат да прераснат во конфликти од веќе видени и несакани размери.

„Никој повеќе не верува дека оваа низа од меѓуетнички конфликти се случајни поединечни инциденти. Очигледно е дека ова претставува проект, но главно прашање е чиј и со каква цел. Крајно симптоматично е што за време на последните два клучни инцидента, Струга и вчерашните во Скопје, кои од темел ги разнишаа и онака кревките меѓуетнички односи, премиерот Никола Груевски е надвор од земјава“, изјави партискиот претседател Андреј Жерновски.

Автор: БГ/миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска-Фиданоска