1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Сериите се’ поомилени!

Сериите одамна достигнаа култен статус, пред се’ оние од САД. Она што почна пред 20 години со „Далас“ и „Денвер“ сега достигна нови димензии. Настанаа уметнички дела, кои не мора да бегаат од споредби со големите романи.

default

„Јас сум фан на ’Тјудорс’, тоа е историска серија и е неверојатно детална.“

„Во моментов најрадо го гледам ’Брејкинг бед’. Приказната за наставник во колеџ во САД, кој произведува дрога, за да може да врзе крај со крај. Она што го сакам е невeројатно лошиот црн хумор.“

„Мојата омилена серија е ’Д шилд’. Американска серија за полицајци во Лос Анџелес која е снимена како документарец и човек има чувство како да е дел од случувањата.“

Германија е во треска по серијалите. Заедницата на фанови за невообичаени продукции, пред се’ од САД, расте со брзо темпо. Еден од љубителите на такви серии е писателот и сценарист Мартин Клугер. Неговата пасија не може веднаш да се забележи. Но, веднаш до неговиот огромен регал со книги стои регал полн со ДВД-а со серии. Во паузите при пишувањето, гледа по една сезона од „Д вајр“ или „Мед Мен“. И дури во нивните приказни наоѓа инспирација за своето творештво. „Сериите се така снимени, што четири, пет сценарија се одвиваат парлалено. Се обидуваат да бидaт комплексни, не според очекувањата на гледачите туку честопати дејствијата се кршат и се игра со различни временски дистанци - на пример навраќање наназад, за воопшто нешто да почне. Кај сериите постои храброст за поставување загатки, да изненадат и да не објаснат. Во овие серии постои свест за формалностите, која веќе ја нема во киното. Тоа е навистина ново и освежувачко.“

John Hamm Mad Men TV Serie Emmy 2011 Flash-Galerie

Серијата „Мед Мен“ со години е најнаградувана ТВ серија во САД

Сериите ги поттиснуваат филмовите

Токму поради тоа се’ повеќе познати актери во САД од големото платно преминуваат на телевизијата. Дури и режисери од типот на еден Мартин Скорсезе во меѓуврме имаат свои ТВ серии. Причината - за овие серии има честопати подобри сценарија. Многу автори истовремено се и продуценти. Тие и‘ даваат белег на серијата од најмалиот реквизит до текот на дејството. Ако е успешна, може да биде продадена во целиот свет. На тој начин се зголемува буџетот. Честопати една емисија од некоја американска серија чини повеќе отколку цела сезона на германска продукција. Но тоа не е единствената разлика, смета Мартин Клугер: „Во Германија е поинаку, оти Германците се’ уште прават разлики меѓу висока и така наречена култура за разонода. Постои одредена надменост кон медиумот телевизија.“

Притоа овие серии имаат многу повеќе заеднички елементи со добрата литература, отколку што се мисли. Многу класичари, од Чарлс Дикенс до Оскар Вајлд, прво ги објавуваа своите приказни како романи во делови во весниците. „Овие нови серии во нивната структура потсетуваат на одредени романи од 19 век, особено на Балзак, Иго, бидејќи панорамски раскажуваат за цело едно општество. Второ, нивната епизодна структура потсетува на главите во романот. Тие на пример портретираат и контроверзни личности, како и во големите романи. Истовремено темите и содржините се дел од денешнината, така што се добива одличен микс.“

Berlinale Martin Scorsese

И Мартин Скорсезе снима своја ТВ-серија

Целата приказна на ДВД

За повеќето љубители на серии важна е уште една работа-ДВД: Наместо недела за недела да чекаат да се емитува нивната омилена серија на телевизија, тие ги купуваат во дигитална форма која има и свои предности. „Реклами нема. Така што ако некој е страсен љубител, може седум сезони да изгледа за една недела. Сериите може повторно да се гледаат, слично како книга, можете да го прочитате почетокот, па крајот. Консумирањето на приказните самите го определувате.“

Мартин Клугер е фан на серијата „Мед Мен“ - сатира за американска рекламна агенција од 60-тите години. Серијата тукушто пристигна во Германија, но на Мартин Клугер му е одамна позната, тој веќе има изгледано три сезони, имено неговите пријатели од САД му ги испратија ДВД-ата. Сега го чека следнот пакет со новата сезона серии.

Автор: Ајгил Чизмечоглу/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски