1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сервер: САД не извршија доволен притисок врз Грција за спорот со името

На генералното собрание на ОН Mакедонија ќе побара да се почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да се деблокираат интеграциските процеси. Аналитичар Сервер вели дека исчекор е можен со притисок од САД.

default

Аналитичарот Даниел Сервер

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов престојува во Соединетите Американски Држави, каде ќе учествува на 67. Генерално собрание на Обединетите нации.

Македонскиот претседател, како што соопшти неговиот кабинет, ќе има обраќање на генералната дебата на 27 септември, а во Њујорк ќе има средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, како и со неговиот специјален пратеник во разговорите за името Метју Нимиц.

Matthew Nimetz Besprechung

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и амбасадорт Метју Нимиц

Иванов во Њујорк ќе го реафирмира барањето за деблокада на македонските интеграциски процеси за членство во Европската унија и НАТО, преку почитување на пресудата од Хаг и меѓународно преземените обврски, а ќе побара и деблокада на процесот кој се води под покровителство на генералниот секретар на ОН за надминување на разликата околу името.

Во пресрет на генералното собрание на Обединетите нации, американскиот аналитичар Даниел Сервер вели дека со притисок од страна на САД може да се направи исчекор за решавање на прашањето околу името .

„Грците имаат добра дипломатија, добро лоби во Вашингтон, и Американците досега не покажаа подготвеност навистина силно да се ангажираат околу ова прашање. Ако претседателот на САД му порача на грчкиот премиер дека решавањето на спорот со Македонија е апсолутен услов за натамошната американска поддршка за грчките финансиски прашања, тогаш ќе имавме поинаква ситуација. Но, САД ова не го сторија. Можеби имаат свои причини зошто не го сторија, но факт е дека не го сторија“, вели Сервер, професор на универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон и еден од водечките експерти за американската политика кон Балканот.

Според Сервер, во Вашингтон постои капацитет да се продолжи ангажманот за решавање на прашањата на Балканот, и покрај кризата со Блискиот Исток, Сирија и Иран, но вели дека нема решителност што да се стори на Балканот.

Сервер вели дека и самиот смета дека спорот за името не е прашање од толкаво значење кое треба да предизвикува голема загриженост во САД. „Ова не е прашање за името, бидејќи е смешно воопшто македонското име да се поставува како прашање. Овој спор е околу грчкото вето за македонското членство во НАТО, и тоа треба да се надмине“, вели Сервер.