1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сервер: Грција да дозволи влез на Македонија во НАТО

Американскиот аналитичар оценува дека постои опасност од прекројување на границите на Балканот, кое може да доведе до нови војни и уништување.

default

Грција треба да го дозволи приемот на Македонија во НАТО под времената референца, а сите земји од регионот на Балканот треба да се согласат дека ќе ги прифатат највисоките можни стандарди на малцински права, пишува американскиот аналитичар Даниел Сервер.

Сервер, поранешен специјален американски пратеник во Босна, објави низа предлози за обезбедување стабилност на Балканот, пред се‘ наменети, како што вели, да се избегне опасноста од менувањето на балканските граници.

„Македонското прашање за ’името’ е уникатно. Не можам да се сетам на ниту еден друг случај, актуелен или во минатото, една земја да бара од нејзиниот сосед да го смени своето име. Ова е спор во кој едниот мора да победи, а другиот да загуби, ако Атина добива, Скопје губи, и обратно“, вели Сервер, кој како најдобро можно решение ја гледа одлуката на Грција да ја спроведе Времената спогодба од 1995. година и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. година, и да прифати прием на Македонија во НАТО под времената референца. Сервер додава дека во тој случај Грција би можела да се надева и на дополнителна финансиска помош. Како главна причина за загриженост во регионот, Сервер ги наведува повиците за менување на границите и смета дека решавањето на прашањето на името треба да биде дел од поголем регионален пакет кој ќе ја оневозможи оваа закана, која според Сервер е актуелна во сите земји во регионот и на Кипар.

„Некои од моите колеги во Вашингтон не се плашат од менувањето на границите, но јас се плашам. Етничките поделби се покажаа како сигурен рецепт за насилство, смрт и уништување во големи рамки. Тешко е да се одлучи каде да се повлечат новите територијални граници и тоа води до етничко чистење и војни. Прашањето е како тоа да се запре, бидејќи ако прекројувањето почне може да се прошири од Косово и Македонија барем до Босна, и дури и до Кипар. Тоа е нешто што треба да ги загрижи Грците, а не името на нивниот северен сосед“, оценува Сервер.

Покрај приемот на Македонија во НАТО, како главни други решенија за спречување на прекројување на балканските граници, Сервер го наведува спроведувањето на планот на Марти Ахтисари за северниот дел на Косово, европските преговори за членство да се водат само во рамки определени од централните власти на Босна и Косово, утврдување на временски рок за крај на поделбата на Кипар и регионален договор меѓу сите земји од Балканот за почитување на малцинските права. Како меѓународни сили кои би требало да стојат зад оваа иницијатива, Сервер ги наведува Германија, Британија и Соединетите Американски Држави.