1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Сепак пробив во разговорите за обединување на Кипар

Политичарите од целиот свет го поздравија пробивот во преговорите за обединување на Кипар. "Се радуваме што обете страни ја искористија историската шанса за да ја окончаат долгогдишната поделба на Кипар и тоа не праведен начин" - изјави портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер. Американската влада ќе соработува со кипарските Грци и Турци се до постигнувањето потполна спогодба, нагласи Баучер. Тоа што преговорите ќе продолжат врз основа на планот на ОН треба да му се заблагодари и на ангажманот на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, истакна, пак, германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер. А неговиот британски колега порача дека пристапувањето на Кипар кон ЕУ како обединета земја е нешто што го заслужуваат сите граѓани на островот. И скромниот посредник во преговорите, Кофи Анан, го поздрави успехот што ОН веќе подолго време не го доживеале: "Им честитам на Рауф Денкташ и Тасос Пападопулос на политичката волја, што ја покажаа во изминатите три дена." Фактички Анан изврши притисок врз двајцата шефови на преговарачките тимови, со тоа што им достави последен, ултимативен предлог. И Денкташ и Пападопулос одговорија позитивно, така што сега двете страни ќе започнат билатерални преговори за надминување на сите се' уште отворени прашања и тоа веќе наредниот четврток во Никозија. Суштината на пробивот меѓутоа се состои во тоа што тие исто така се обврзаа дека сите проблеми што нема да успеат да ги разрешат на билатерална основа ќе и' ги препуштат на арбитражата на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, така што веќе во април граѓаните од обата дела на поделениот остров во секој случај ќе можат да излезат на референдум за повторно обединување. Доколку мнозинството од нив гласаат позитивно, тогаш на 1. мај Кипар како обединета, федерална држава ќе влезе во ЕУ. Планот на Анан во основа предлага политичка трампа по теркот "земја за власт". Кипарските Турци треба да и' вратат на грчката заедница поголем дел од запоседнатото земјиште, а Грците пак за возврат ќе ја делат политичката власта со Турците од островот, така што на чело на "Обединетата Република Кипар" наизменично ќе се наоѓа по еден Грк и по еден Турчин. Целиот остров ќе биде демилитаризиран, иако Турците и Грците ќе живеат и понатаму во автономни и разделени подрачја. Обете етнички заедници исто така ќе имаат свои парламенти и влади, а само на надвор ќе бидат застапени од сојузната влада. Грчкиот премиер Костас Симитис го оцени напредокот постигнат во седиштето на ОН во Њујорк како "решавачки пресврт" и изрази надеж дека ЕУ ќе го даде својот придонес во натамошните преговори. Атина всушност се надеваше на носечка улога на Унијата, но успеа да постигне само советодавна улога на Брисел, при што ќе има право да провери дали постигнатата спогодба на крајот од преговорите е компатибилна со европските правни стандарди. И покрај ваквиот делумен успех на барањето на официјална Атина, шефот на дипломатијата Тасос Јанитис истакна дека станува збор за историска шанса за решавање на кипарскиот проблем. Неговиот турски колега Абдула Ѓул оцени дека обете страни ги чека уште многу работа: "Има уште многу што да се стори. Ние, Турците и понатаму ќе се ангажираме со добра волја, трпение, но истовремени и со решителност." Ова е важни бидејќи сите досегашни обиди пропаднаа поради недостатокот на политичка волја од турската страна. Овој пат меѓутоа Анкара сфати дека нејзините амбиции за членство во ЕУ се неспоиви со таквиот став околу Кипарското прашање: "Кога ќе биде постигнат мир и кога ќе биде применет договорот за повторно обединување, тогаш на дневен ред ќе се најде членството на Турција во ЕУ." Унијата имено во декември треба да одлучи кога ќе почнат директните преговори за членство на Турција.