1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Сепак први контакти со Сирија и Иран

Може ли Ирак да се спаси од натамошно страдање? На ова прашање се обидуваат да одговорат учесниците на дводневната меѓународна средба во египетското летувалише Шарм ел Шеик кое беше сцената и на првите, иако куси разговори на американската шефица на дипломатијата Кондолиза Рајс со колегите од Сирија и Иран.

default

“Не смееме да го оставиме Ирак сам со сите негови проблеми“, апелираше генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун до учесниците на конференцијата во Шарм ел Шеик. Меѓународната заедница, пред се, соседните држави мораат да соработуваат за Ирак да стане мирна и просперитетна држава, рече Бан. Имено, улогата на соседните земји е една од централните теми на конференцијата, посебно затоа што Сирија и Иран во Ирак следат сопствени инетереси со што придонесуваат за дестабилизацијата. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер:

“Затоа мораме да најдеме средства и патишта за да ги потсетиме обете на нивната одговорност и да ги донесеме на патот на конструктивност со што би се подобрила безбедносната ситуација“.

Инаку, не е првпат ирачката влада да разговара со соседните држави за безбедноста во земјата и за нејзината обнова, но досегашните напори не дадоа резултат. Овојпат, сепак, арапските држави ќе учествуваат во поголемиот дел од ослободувањето на Ирак од долговите, пред се Саудиска Арабија. Меѓутоа, не е се во парите, зашто нив за обновата ги има, вели Штајнмајер:

“Нема ниаква смисла да се организира чисто донаторска конференција на која државите повторно би покажале готовност да стават на располагање средства. Она што треба да се постигне овде е обврска на ирачката влада самата да ја стабилизира земјата“.

Ирачката влада на тоа се обврза со таканаречениот план “Компакт“, односно пакт со меѓународната заедница која за возврат ветува помош. Ирачката влада, меѓу другото најави да го стави во ред нафтениот сектор, да се бори против корупцијата и да го унапредува националното помирување.

На маргините на меѓународната конференција во Шарм ел Шеик, се случија и куси разговори меѓу американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс со колегите од Сирија и Иран, по што Рајс изјави:

“Сирискиот министер и јас имавме можност да разговараме за стабилизацијата на Ирак. Јас му спомнав за борците што минуваат во Ирак преку границата како главен извор на самоубиствените напади. Ми одговори дека Сирија нема интерес за нестабилен Ирак. Меѓутоа, секако делата зборуваат погласно од зборовите, па се надевам и тоа да се случи“.

Советникот на иранскиот министер за надворешни работи Манухер Мотаки, Салех Занкана во врска со американско-иранските односи:

“Конференцијата е посветена на ситуацијата во Ирак, а не на американско-иранските односи. Настаните во Ирак предизвикуваат загриженост во Иран зашто тоа е наша соседна земја. Досега од американск страна не добивме никаков позитивен сигнал за разговор за горливите прашања во регионот. Тоа не е охрабрување за дијалог и средби“, изјави Занкана.