1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Сенките на минатото надвиснати над Романија

Соочувањето на земјата со злосторствата на комунизмот е практично на проодување. Дури сега во Романија започнува првото судење на едно од лицата обвинети за масовни убиства на политички затвореници.

Звукот на чекори во ходникот на Јон Баурќану му е познат и денес. Дванаесет години живеел во мала ќелија во озлогласениот блок 13 во затворот Жилава. Го затвориле само затоа што познавал некого, кој бил против режимот. Од тогаш поминаа 50 години, но Јон не заборави ниту еден ден.

Поранешиот политички затвореник се присетува: „Тоа беа ѕверови. Не понижуваа и не газеа со чизми, не тепаа со палки. Без никаква причина. Во ’57 и ’58 година не мачеа секојдневно“.

Кога вели ѕверови, Јон мисли на луѓе како овој: поранешниот управник на затворот, Александру Вишинеску, денес 88-годишник, е првиот во Романија, кој е обвинет за ужасните злосторства во комунистичките затвори. Го товарат дека во ’50-тите и ’60-тите години бил одговорен за смртта на повеќемина затвореници.„Невин сум. Бев обичен службеник.“, постојано изјавува Вишинеску.

Богови со сопствени закони

Alexandru Visinescu

Александру Вишинеску

За романските обвинители успех е веќе самиот факт дека воопшто е започната судска постапка, толку години по падот на комунизмот. Андреј Мурару од Институтот за обработка на злосторствата на комунизмот вели: „Требаше да поминат 23 години бидејќи немаше политичка волја да се реши овој проблем. Оние кои ја преземаа власта во 90-тите години одбиваа каков и да е разговор за тоа. Станува збор за комунистичка клика, која и по 90-тите ја продолжи својата политичка кариера.“ Со тоа алудира и на неа, Родика Ст’ноју, порано вработена во озлогласената тајна служба Секуритате, а по пресвртот романска министерка за правда од 2000. до 2004. година. Казнувањето на злосторствата на комунизмот за неа не било и не е тема.

„Тие дела се одамна застарени. Јавното обвинителство овие случаи сега се обидува да ги квалификува како геноцид. Правнички погледнато, нема да успее, бидејќи тука не станува збор за убиство поради етничка или верска припадност, туку станува збор за политички гледишта.“, вели Ст'ноју.

Погледнато од чисто правен аспект, Ст’ноју е во право, оти до неодамна во Романија имаше рок на застарување на казненото дело убиство, од што профитираа злосторниците.

За тоа е свесен и поранешниот затворски чувар Јоан Кертицие, единственот човек во Романија кој јавно прозборе за своите злосторства, пишуваше книги, а во еден филм дури се глумеше и себе си.

„Ние во затворот создадовме сопствени закони. Ние таму бевме богови. Немаше грижа на совест. Мачењето беше сосема нормална работа.“, раскажува Кертицие.

Измачувањето други-како зависност

Rumänien Geschichte Revolution Bukarest 1989 Panzer

Сцена од уличните битки во 1989 во Букурешт при соборувањето на комунистичкиот режим во Романија

Институтот за обработка на комунистички злосторства тврди дека се идентифицирани уште 34 раководни лица во затворот. Потоа треба да бидат обвинети и поранешните затворски чувари - луѓе како Кертицие, кој вели дека мачењето на затвореници за него било како зависност: „Често користев палка, ми беше сѐ едно дали сум удрил еднаш или 1.000 пати. Ми беше едноставно сѐ едно.

И во овој затворот Р’мнику Серат луѓето биле претепувани неброено пати. Таму управник бил токму Александру Вишинеску.

Во самицата број 13 некогаш живееше Валентин Кристеа. До ден денес се обидува да расчисти во себе со најтешките години од својот живот.„Управителот има пензија од околу 850 евра. Јас добивам само околу 400. Така стојат работите. Не верувам дека обвинението ќе донесе нешто, немам никакви илузии.“, се жали овој поранешен политички затвореник.

За правда едноставно е предоцна, велат Валентин Кристеа, Јон Баурќану и многу други. Тие сепак истакнуваат дека е важен секој обид за натамошна обработка на барем дел од комунистичкото минато.