1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сеништата од минатото одново разбудени на Балканот

За Охридско - дебарското востание во Струга на собир без учество на македонски историчари нивни колеги од Косово, Албанија и Бугарија се скарале - чие е востанието? Македонско – албанскиот бунт од 1913. пак актуелен.

Во македонската јавност за востанието од пред еден век малку се знаеше. Но, два настани одржани во Македонија, одново создадоа простор за политичко читање на историјата на Балканот. Пред една недела историчари од Косово, Албанија и Бугарија во организација на Општина Струга, општинскиот разгранок на Здружението на историчари Албанци во Македонија и Бугарскиот културен клуб од Скопје, одржаа Научен собир без учество на историчари Македонци. Сите јавно се оградија дека биле главни организатори и тврдат дека македонските историчари не се одзвале на поканата за учество. Експресно беа демантирани од историчарите од Македонија, со коментар дека не е прв пат нивните бугарски колеги да ги искривуваат фактите од поблиската и подалечната македонска историја, посебно огорчени што сега тоа се случило на македонско тло и го негирале македонското учество во востанието. Бугарите се обиделе да го негираат и учеството на Албанците во востанието за да го прикажат како бугарско. Дополнителен револт предизвика сознанието дека собирот во Струга бил финансиски поддржан и од Општина Струга.

Zijadin Sela Bürgermeister Struga Mazedonien

Градоначалникот Зијадин Села во средината на фотографијата, дијагонално од него - Перо Петкоски, претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Струга

Дилема – се гласало ли за спорниот собир во Советот на Општината или не?!

„За Научниот собир, одржан во Струга, минатиот состав на Советот на Општина Струга не расправал, ниту донесол одлука за финансиска поддршка. Такво нешто во Советот законски би требало да помине со Бадентер, а тоа не е направено,“ изјави Перо Петкоски, советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Струга. Тој рече дека допрва, преку правни механизми, ќе се испита случајот и ќе се бара евентуална одговороност. И СДСМ допрва ќе испитува на кој начин Општина Струга е инволвирана, вели Даме Лозанкоски, советник и претседател на партијата во Струга: „Како политичка партија ќе ја побараме програмата за одбележување на оваа манифестација која беше изгласана од минатиот Совет. Откако ќе ја разгледаме нејзината содржина, што точно таа предвидува и дали има некое отстапување во однос на одржувањето, тогаш ќе можеме да излеземе со конкретен одговор“.

Наспроти разногласието во македонскиот политички блок, градоначалникот Зијадин Села вели: „Постои одлука на Советот на Општина Струга со која што се предвидени средства за одбележување на 100 годишнината. Предлогот потекнал од партијата ДПА и е изгласан. Од општинската каса се издвоени 60 илјади денари за собирот“.

Струга е и ќе биде отворена за сите историчари од Балканот

За реакциите дека историчари Македонци немало, Села со одговор: „Немав увид во тоа кој ќе биде поканет. Од Советот на општината ќе барам секоја година да поддржува собир за овој настан и сите ќе се добредојдени да учествуваат во тие дебати. Без разлика дали се Македонци, Бугари, Срби, Грци и Албанци. Годинава поканите ги правеше огранокот на Здружението на историчари Албанци во Македонија. Но, негативно сум изненаден што е одбиено барањето на историчари Бугари да присуствуваат на сличен настан во Охрид и Дебар деновиве, на иста тема, каде што и јас не бев поканет од страна на Институтот за културно наследство на Албанците и од останатите организатори“.

Dame Lozanoski Ortsvorsitzender der Partei SDSM Struga Mazedonien

Даме Лозанкоски, претседател на СДСМ во Струга

Историски факт - војводи и востаници Македонци биле дел од востанието

Од собирот на историчарите Македонци и Албанци во Охрид, Зоран Тодоровски, директорот на Државниот архив на Македонија праша: „Предводниците на востанието меѓу кои и војводата Петар Чауев се од овој крај, па тие Бугари или Македонци се? Самите знаете и знаеме кои се и што се', без разлика што се’ пишува во документите“.

За Тодоровски поставувањето на спомен – плочите е избрзана реакција и се’што е во спротивност со законот за споменици е дивоградба и треба да се сруши. Градоначалникот Села поставените спомен обележја во неколку села со доминатно албанско население и само на албански јазик ги спореди со спомениците од проектот „Скопје 2014“, нарекувајќи ги тотално незаконити: „Ако со парите на граѓаните некој гради незаконски споменици, како ќе ги спречиш граѓаните кои со свои пари градат спомен плочи? Службената употреба на албанскиот јазик и 12 години по Рамковниот договор е уште спорна работа“, смета Села. Сепак, тој се залага за почитување на законите и вели дека дозволите за градба на се', па и за спомен обележја, ги дава Советот на Општината и тоа според принципот Бадентер. Досега само едно вакво барање влегло во процедура.

Поврзана содржина