1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Семејството Гадафи само во Австрија има 1,2 милијaрди евра

Европската економија и натаму расте; бројот на невработени во Германија се намалува; „Фолксваген“ го купи „Порше“... Прочитајте повеќе за овие и други теми од економскиот свет.

default

Замрзнати сметки

Австрија ги замрзна сите сметки на семејството на либискиот владетел Моамер Гадафи, спроведувајќи ги санкциите воведени од Обединетите Нации и Европската Унија. Според националната банка на Австрија, само во банките на таа земја семејството на Гадафи има паричен имот од околу 1,2 милијарди евра. Во оваа сума не се содржани недвижностите, акциите во австриски фирми и учеството во фондации. Допрва треба да се утврдува потеклото на тие пари, како и тоа, кој ќе може да располага со нив.

Стабилен пораст на европската економија

Европското стопанство и натаму е во подем. Комисијата на ЕУ денеска (01.03.2011) ја коригира нагоре прогнозата за стопанскиот пораст годинава. За Германија Комисијата предвидува пораст од 2,4 проценти, што е за 0,2 процентни поена повеќе отколку во прогнозите од минатата есен. Во целата ЕУ се очекува стопански пораст од 1,8 насто, а само во еврозоната од 1,6 проценти.

Расте инфлацијата во Европа

Symbolbild Deutschland Optimismus

Позитивни вести за германската конјуктура

Скокот на цените на нафтата и горивата предизвикаа инфлацијата во февруари да достигне 2,4 проценти, што е највисоко ниво од октомври 2008 година, соопшти денеска (01.03.2011) Еуростат. Порастот на цените трае веќе со месеци. За Европската централна банка 2,00 процента се горна граница за цените да се сметаат за стабилни.

Порастот на цените на нафтата може да го загрози порастот на светската економија, ако подолго време цената остане на ниво од 110 до 120 долари за барел, предупреди Меѓународниот монетарен фонд.

Во Германија наскоро помалку од три милиони невработени?

Во Германија продолжува опоравувањето на пазарот на работна сила. Во февруари без работа беа 3,317 милиони луѓе, односно 33 илјади помалку отколку во јануари, што за вториот месец во годината е невообичаен тренд. Затоа шефот на Сојузната агенција за вработување Франк-Јирген Вајзе смета дека до средината на годината бројката на невработени ќе падне под три милиони.

„Фолксваген“ го купи „Порше холдинг“

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ стана сопственик на најголемиот европски трговец со автомобили, фирмата „Порше холдинг“ од Салцбург. Концернот им исплати 3,3 милијарди евра на сопствениците на холдингот, семејствата Порше и Пиех.

„ОТЕ“ ќе отпушта дел од вработените

Грчкиот концерн „ОТЕ“, фирма-ќерка на германскиот „Телеком“, најави дека со штедење и укинување на 120 од вкупно 3500 работни места сака да ги намали трошоците на работењето за 32 милиона евра, за да избегне загуби. Синдикатот најави отпор против таквите планови. Грчката држава е сопственик на 20 проценти од „ОТЕ“.

Автор: Моника Ломилер/Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев