1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Селски новости преку разглас

Во баварското село Пезинг разглас има од 1954 год. Градоначалничката Гизела Ридерер преку разгласот секојдневно ги соопштува локалните новости и вести. Селаните не сакаат да се откажат од него ниту во време на интернет.

Пезинг во Горен Пфалц - село како од сликовница. Животот овде се одвива по мирен тек. Гостилница, банка, пекарница, продавница, 980 жители, ако не се сметаат гулабите. Кој бара мир, овде може да го најде. Се‘ додека не се слушне сигналот на фанфарите. Преку разгласот се најавуваат селските вести.

Спикерка е Гизела Ридерер, втор градоначалнк на Пезинг. За таа цел таа секој ден оди во општината, дури и во викенди. Со техниката се снаоѓа сама. Фанфарите се снимени, вестите одат во живо:

„Четири информации. Првата: Тимот на фудбалскиот клуб Пезинг денеска, сабота, игра на домашен терен против Шварценфелд. Почеток во 16 часот“, јавува Гизела Ридерер.

Таа чита вести кои се фрлаат во нејзиното поштенско сандаче. Чита информација за избегана мачка или најавува вежба на пожарникарите:

„Израсната сум со ова. Овој разглас постои од 1954 година, а јас сум родена во 1966-та. Кај нас вестите преку разглас секогаш ги чита вториот градоначалник, а тоа сум јас.“

Информациите се пренесуваат преку 45 звучници. Не само во Пезинг, туку и во Лангвалд, кој е оддалечен 2 километри.

„Втора инфирмација: градежните работи на железничкиот премин кон Ветерфелд и кон Милаувег се запрени“, чита натаму Гизела Ридерер.

Железничкиот премин е значи слободен. Фудбалскиот клуб Пезинг игра против Шварценфелд, пожарникарите канат на вежби за гаснење пожар. Мора ли тоа да се чита преку разглас, во време на мобилни телефони и интернет? Едмунд Ројдер често слуша вакви прашања. Тој е прв градоначалник на Пезинг и гордо покажува дека неговото село има и брз интернет. Сепак, разгласот ќе биде задржан.

„Се разбира има колеги градоначалници кои ми се смеат и велат - тоа што го правите е заостанато, но тоа е само завист“, убеден е тој.

На таванот на општината се‘ уште е складиран првиот разглас од 1954 година. Тогаш градоначалникот морал сигналот на фанфарите да го пушта од плоча. Сега истиот звук доаѓа од ЦД.

„Сакаме да го задржиме истот звук, поради носталгија, со сите шумови што ги има“, вели Гизела Ридерер.

Жителите на Пезинг го сакаат разгласот.

„Кога нешто ќе се случи, веднаш се чита на разглас и тоа е побрзо и од весник и од интернет.“

„Многу е добро што може да се информираат сите, многу бргу.“

Така било, така е и така и ќе остане во Пезинг.