1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Селото кое ја претставува цела Германија

Хаслох е мало место во германската покраина Рајнланд Пфалц. Она што ова село го прави посебно е што тоа веќе 30 години ја одразува сликата за просечната потрошувачка во цела Германија.

Што може да се види во потрошувачката кошничка на Бетина Финцо? Воглавно овошје и зеленчук. „Ние не сме просечно германско семејство“, со насмевка објаснува таа, „можеби затоа што мојот сопруг е Италијанец“. Со својот 50-годишен сопруг кој е по потекло од Сардинија таа живее во типична куќа во малото место Хаслох.

Не се работи за просечен, туку за репрезентативен тип на германскиот потрошувач. Бетина Финцо е домаќинка, која повремено работи во еден италијански ресторан како келнерка. Има две деца на средна возраст и пес кој задоволно дреме во плетената кошница под скалите. Блескаво чиста кујна, нормална дневна соба со камин и регал за книги од шведски ланец за мебел. Притоа и телевизор, кој, кога е вклучен, за семејството Финцо прикажува различна програма од онаа во останатиот дел од државата.

Audioslideshow Haßloch in der Pfalz

Бетина Финцо

Национален просек

Кон средината на 80. години Друштвото за истражување на потрошувачите (ГФК) од Нирнберг го откри ова мало место како идеално за испитување на пазарот: социјалната структура и домашниот буџет точно одговараат на националниот просек. Многу ретко жителите на Хаслох одат да купуваат во некое друго место, а телевизијата технички може да им емитува реклами за производи кои сѐ уште не постојат во другите делови од Германија.

Бетина Бартоломејчик од ГФК седи во телевизиското студио кое се наоѓа во една скромна куќа, само неколку метри оддалечена од домот на семејството Финцо. Таа следи што емитуваат различни телевизии на неколкуте ТВ монитори. „Произведувачите имаат можност тука да ги тестираат новите производи и влијанието на различни популарни реклами“, вели таа. 80 проценти од сите производи кои годишно се воведуваат на германскиот пазар, повторно исчезнуваат. Но, оние кои ќе го минат тестот во Хаслох најчесто успеваат и на националниот пазар. Тоа е чиста статистика. Рекламните спотови тука можат да се менуваат и испитуваат со контролна група на потрошувачи. Кој сака може да лепи и плакати или да нуди дегустации во супермаркетите. Секој купен производ во Хаслох се скенира, нивната ГФК картичка ја регистрира продажбата и како благодарност за учеството им се враќа дел од претплатата од кабелскиот пакет, а понекогаш се организираат и наградни игри.

Тестирај и молчи

Прошетката низ пешачката зона на Хаслох не открива ништо поинакво од кој било друг германски град. Вообичаени реклами и паноа на локални продавачи.

Audioslideshow Haßloch in der Pfalz

Рафт во супермаркет во Хаслох

Во околните места- Манхајм и Лудвигсхафен, жителите на Хаслох ретко патуваат. Тие се горди што живеат во „големо село“. Дури и локалниот месар продава само домашни производи. Во супермаркетот од спротива од звучникот ечи реклама за детска храна на мега-марката „Проктер и Гембл“. Потрошувач кој не е одовде би се изненадил од понудата од црни чоколади, со отмено бело пакување и натпис „Дива“, кое сигурно ќе им се допадне на жените. За мажите се нудат повеќе видови гел за туширање со зајчето на „Плејбој“, но прашањето е дали тие се навистина нови? Во германскиот печат може да се прочита дека освен „Проктер и Гембл“, и мега-компании како „Фереро“ и „Вриглис“ сакаат да ги тестираат своите производи во Хаслох. По тестирањето никој не смее ништо официјално да прашува или да открива.

Понекогаш трендот оди наназад. Оној кој во 80. бил дете сигурно се радува на златната амбалажа на карамелните- штангли „Рајдер“, кои во меѓувреме се продаваат под ново име: „Твикс“. Дали можеби се планира да се врати старото име на некои познати марки производи?

Бетина Финцо тоа не ја интересира. „Ние не знаеме кои производи ќе ги тестираме. Ние одиме во нормален шопинг, тоа и треба да биде нормално секојдневно купување“.