1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Селма, Милица, Јосипа - која е најубава?

Иако не се познаваат, многу млади луѓе во Босна и Херцеговина имаат однапред одредени ставови за припадниците на другите етнички заедници. Меѓутоа, нетрпеливоста е помала отколку што се претпоставуваше.

Без оглед дали се вика Селма, Милица или Јосипа, убава девојка е едноставно убава. Вака накратко може да се протолкуваат резултатите од последното истражување на психологот Срѓан Пухало. Во Бања Лука беше претставена неговата книгата „Како гледаме на другите етнички гупи и нивните членови“, која се темели на истражувања на социјалната перцепција и етничката припадност кај средношколците во БиХ, и е во издаваштво на германската фондација Фридрих Еберт.

Srdjan Puhalo

Срѓан Пухало

Авторот на публикацијата вели дека доживувањето на другиот во БиХ денес функционира на две одвоени нивоа - колективно и лично.

На пример, кога станува збор за колективното, средношколците од Бања Лука и средношколците од хрватска националност од Мостар, Бошњаците ги опишуваат како подмолни, примитивни, некултурни, но и гостопримливи.

Од друга страна, на личен план има многу помалку тензии. Кога тоа ќе се спушти на одност на младите луѓе, лице в лице работите се попозитивни и поопуштени. Негативните стереотипи не ги спречија овие младинци, врз основа на фотографија (под која пишува име и презиме) припадниците на бошњачката националност да ги оценат како најубави.

Осврнувајќи се на бројните истражувања кои се занимаваат со социјалните ставови и меѓуетнички дистанци, професорот Младен Миросављевиќ, експерт од областа на јавното мислење, вели дека треба многу внимателно да се толкуваат резултатите. „Не би сакал да се извлекуваат парцијални заклучоци затоа што се можеби атрактивни. Физичкиот изглед е едно, но многу е интересно ако после тоа испитаниците ги прашате дали би стапиле во брак со таа жена. Тоа отвора друг сет прашања“.

Пухало верува дека и покрај негативните предрасуди кои доминираат во неговото истражување, овие податоци охрабруваат оти на тие млади луѓе, додека ги запознаваат своите врсници, националноста не им е важна. Тој смета дека ваквата состојба не им оди во корст на политичарите.

„Јас да сум политичар во БиХ, би рекол дека мораме засилено да ја расипеме младината, оти ова не чини. Но, се поставува прашањето што уште може да се расипе. Ако ги погледнете школскиот систем, медиумите и официјалната политика, доминантен е ставот дека 'ние' сме најдобри, а 'тие' се зли“, вели Пухало.

Symbolbild Feiern Abiparty Abiball

На личен план има помалку тензии меѓу младите од различните етнички групи

Кога „личниот“ став прераснува во „колективен“?

Како и зошто личниот став, кој честопати е неутрален, прераснува во колективен во кој доминираат негативни ставови? Објаснување има сараевскиот социолог Дино Абазовиќ.

„Искуствата од секојдневниот живот воглавно не се применуваат на групна категорија, бидејќи никој нема можност да комуницира со секој поединец од групата. Полесно е да се прфати колективниот став. Социолозите често говорат дека нацијата е замислена заедница и визија на она што одговара на нашата слика на нас самите, но и на останатите. Секојдневниот живот е нешто сосема друго“.

Дваесет годишниот студент Даниел од Бања Лука истакнува дека мина времето кога се гледаше кој е кој во БиХ. „Веќе три години имам врска со девојка од друга националност. Имам и многу другари Бошњаци кои ги запознав преку спортот, тие се од Бихаќ, Сараево, Зеница... Тоа е најнормална работа“, вели Даниел.

Матурантката од Текнолошкото училиште во Баља Лука, Јована мисли поинаку. Никогаш не престојувала во Федерацијата БиХ и смета дека таму не би се чувствувала пријатно, бидејќи како што вели таа не припаѓа таму. Во брак или врска со Хрват или Бошњак не би се впуштила. „Големи се разликите меѓу луѓето, поинаки се обичаите. Не сум за тоа“.

Djordje Tomic

Ѓорѓе Томиќ

Овој последен став, Ѓорѓе Томиќ, асистент на Факултетот за политички науки во Бања Лука го опишува како парадоксален и смета дека такви примери има многу. Тоа единствено може да се смени, како што кажува со патувања и меѓусебно запознавање. „Станува збор за стекнати предрасуди. Каде биле на гости и каде ги виделе разликите? Дали некогаш во живо виделе семејство од друга националност, за време на семеен ручек, дали биле на студентска размена?“

Едно поранешно истражување од 2012 година, кое го изработија студентите од Факултетот за политички науки во Бања Лука говори дека младите од Република Српска во голем процент припадниците на другите етнички заедници ги доживуваат како пријателски и рамноправни. Истите испитаници во тоа истражување со преку 75 проценти се изјасниле дека Република Српска во иднина ја гледаат како самостојна држава.

Говорејќи за истражувања за јавното мислење, сеедно дали се работи за етнички предрасуди или нешто друго, Томиќ истакнува дека испитувањето на ставовите е една од најтешките задачи за општествените науки и секое истражување има одредени недостатоци. Многу зависи од начинот на кој се поставуваат прашањата во анкетите.

„Кога ќе го погледнете сплетот на мислења на различни луѓе во различни ситуации, многу е тешко тоа статистички да се изрази, а да добиете нешто опипливо. Одредени социолошки школи говорат дури дека е невозможно вистинско истражување“, заклучува Томиќ.