1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Селек: „Чувствувам голема солидарност“

Социологот и автор Пинар Селек зборува во интервју за Дојче веле за нејзината пресуда за доживотен затвор во Турција и за солидарноста што ја добива од делови на турското општество.

Социологот, писателка и феминистка Пинар Селек е осудена во Турција на доживотна затворска казна. Од пред петнаесет години таа е прогонувана поради наводна поддршка на терористичките активности на Курдите. Пред пресудата за доживотен затвор, таа веќе беше трипати обвинувана и повторно ослободувана. За доживотната затворска казна зборува во интервју за Дојче веле.

Дојче веле: Како се чувствувате откако ја слушнавте пресудата?

Пинар Селек: Од една страна се чувствувам исцрпено, но од друга страна сум и натаму многу силна. Тоа за мене беше како вест за смрт, како да сте загубиле човек кој ви е многу близок. Се прашувате – дали е ова вистина, дали е ова во ред? Како и да е, има многу причини поради кои треба да бидам силна. На денот на кој се одржа процесот на мојот универзитет имаше протест. Еден час никој не работеше. Во целата историја на Универзитетот за првпат ректор зазема позиција и рече: „Никој не смее да и’ пристапи на Пинар без да мине преку нашите лешеви. Кој сака да ја фати Пинар мора најпрво нас да не фати“. Затоа околу себе чувствувам голема солидарност. Бев избрана како жртва за да влејат страв. Но, потоа сфатив дека е сеедно дали ќе бидам убиена. Тоа е голема болка, но мојот внатрешен глас ми вели: „Пинар, не гледаш дека како и да е оваа борба ја добивме?“

Дојче веле: Како ќе продолжи правниот процес?

Пинар Селек: Моите адвокати ќе ја обжалат пресудата до Врховниот суд во Турција. Потоа овој процес ќе започне. Во секој случај, Врховниот суд ги поништи сите ослободителни пресуди. Едно момче, кое даде изјава под присила, рече: „Да, ние овој напад заедно го организиравме со Пинар“. Освен оваа изјава не постои никаков доказ. И сега сум осудена на доживотен затвор. Тие ме сметаат за убиец. Веројатно никој не верува, ама не е лесно. Јас добивам закани со смрт преку писма или и-мејл. Јас станав мета. Тие всушност извршуваат убиство.

Дојче веле: Што мислите, зошто сте одбрани како мета?

Пинар Селек: Тоа долго време се дискутира. За тоа може да има повеќе причини. Тогаш, во 1998-ма година, ним им требаше напад и жртва. Мене исто така и претходно ме приведуваа поради моите истражувања за курдската проблематика. Веројатно тие сакаа да сугерираат – „ако со истражувањето одите предалеку, преку границите, ќе доживеете вакво нешто“. Но, една работа е сосема јасна – знам сосема добро, откако бев ослободена од затвор, дека ослободителните пресуди беа поништени затоа што продолжив да учествувам во јавните дебати. На почетокот бев „криминална цел“, а потоа „симбол на правдата“.