1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Сексот-табу за младите муслимани?

Многу млади муслимани во Германија се растргнати меѓу животот во западно општество и својот религиозен идентитет. Ова се однесува, пред се, на односите меѓу мажите и жените и сексуалноста.

default

Сексот пред и надвор од бракот во исламските земји е табу. Ова важи и за најголемиот дел од муслиманите во Германија, земја каде постои слобода во однос на сексуалноста. Како се справуваат младите муслимани со оваа проблематика?

Прифаќање на разликите

Пред големиот екран во мензата седат млади студенти и гледаат фудбалски натпревар. При постигнувањето на првиот гол, воодушевување кај навивачите на тимот кој го постигна. Навивачите на другата екипа се нервираат. Но, овие студенти не ги дели само фудбалот. Разлики меѓу нив има и во другите области на животот. На пример, во изборот на пијалоците. Додека мнозинството пред себе има пивски шишиња, еден дел од студентите порачува безалкохолни пијалоци, како 23 годишната Џамила.

„Моите пријатели прифаќаат дека не учествувам во се` ппдеднакво со нив. На пример, не пијам алкохол и немам момче.“

Тоа што нема момче не се должи на неатрактивноста на Џамила или на тоа што не сака партнер, туку на нејзиното мароканско потекло и тоа што е муслиманка. Иако не носи шамија и се облекува модерно, за неа секс пред брак не доаѓа предвид:

„Сексуалноста е дел од животот, но се вели дека муслиманските девојки во бракот мора да влезат како девици, а според мене, тоа е добро. На крајот на краиштата, секој мора самиот да реши, а јас одлучив да живеам така како што сакам.“

Sexuelle Kälte bei Männern

Бунт против патријархалното воспитување

Да се решава за сопствениот живот и самостојно да се носат одлуки беше желба и на Нала. Затоа и дошла во Европа пред девет години. Родена и израсната во Судан, младата девојка во подоцнежна возраст сакаше да се бунтува против строгите морални претстави во околината што ја опркужувала:

„Многу го ценам индивидуализмот во западните општества. Индивидуализмот значи дека секој човек одлучува за својот сопствен живот и како да го води. Кај нас, за жал, тоа го решава општеството, тоа налага како треба да се води приватниот живот. Овде, во Европа, секој самиот одлучува дали сака да има секс пред бракот или не.“

Нала вели дека е против строгите претстави за моралот и светот, кои им се наметнуваат на луѓето. Таа е, пред се`, против патријархалните традиции, кои го табуизираат женското тело и ја принудуваат жената на воздржувања. Мажите, напротив, уживаат поголема слобода, вели младата Суданка.

Секс пред брак? Не!

И многу муслимански мажи ја одбиваат идејата за секс пред бракот, како Ахмад, студент по потекло од Мавританија:

„За мене, како муслиман, тоа не е во ред, едноставно зашто е против законите на Бог. Секс може кога е човек женет.“

Arabisches Viertel in Berlin-Neukölln

Младите муслимани меѓу модерниот живот и традицијата

Младите муслимани во Германија на темата секс гледаат од различни перспективи и ја вреднуваат поинаку од своите немуслимански врсници, докажа и една студија на Универзитетот Росток минатата година. Професорот Ханс-Јирген фон Венсирски за причините:

„Голема улога овде играат нормите, вредностите, културните конвенции пренесувани преку исламската религија. А самата религија многу посилно му става печат на секојдневието. Покрај тоа, особено голема улога играат и традиционалните семејни структури.“

Среден пат

За муслиманите религијата служи како ориентација, вели научникот Ханс-Јирген фон Венсирски. Затоа многу млади муслимани, израснати во Германија, се конфронтирани со еден проблем: како да го премостат големиот јаз меѓу конзервативната родителска куќа и либералното општество, во кое сексот не претставува табу. Младата Наџат, по потекло од Палестина, лично го почувствувала ова:

„На почеток бев растргната меѓу моите родители и надворешниот свет. Не знаев кој животен стил е вистинскиот за мене, германскиот или арапскиот. На крајот одлучив од секоја култура да го земам она што е во согласност со мојата религија и моите традиции.“

Иако на Наџат и` успеало да ја најде средината, за многу млади муслимани животот меѓу два различни света, со различни вредности, е вистински предизвик. За некои тоа претставува и проблем, вели научникот фон Венсирски:

„Всушност, тоа не е проблем пред кој сите или мнозинството потклекнуваат. Но, сепак, тој е оптоварување за младите кои растат во вакви амбиваленции -конзервативната исламска родителска куќа и либералната западна отвореност. Да се најде сопствениот идентитет меѓу овие поларитети, да се одговори истовремено на двете влијанија и двете култури, не е едноставно.“

Уште потешко е ако човек се реши само за строгите исламски вредности и се ограничи исклучиво на сопствениот културен круг, вели Карим. Тој е Германец со алжирско потекло, животот со две култури го гледа како збогатување. За него исламот е споив со многу западни вредности:

„Мислам дека овде во Германија човек речиси нема можност да се приклучи кон западниот живот. Во секој случај, јас сакам многу од традициите, верувам дека се тие поткрепа во животот на секој човек. “



Автор: Шамселаси Ајари/ Жана Ацеска