1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Секој петти Германец е погоден од сиромаштија

Секој петти Германец се чувствува сиромашен и социјално изолиран. Според резултатите на една европска социјална студија, нивниот број ќе се зголемува, а посебно погодени се жените.

Да се нема доволно пари за кирија, греење или за редовните оброци храна - секој петти жител на Германија во меѓувреме е погоден од растечко сиромаштво. Многумина поради недоволно пари во домаќинствата веќе немаат машини за перење алишта, телевизор, а некои и телефон. Притоа, слаба е утехата дека во споредба со другите европски држави, Германија уште и добро стои.

Посебно од сиромаштија се погодени жените

Според резултатите на европското истражување под наслов „Животот во Европа во 2011. година“, во Германија околу 5,3 проценти од жителите живеат во сиромаштија, 11,1 насто живеат во домаќинства со исклучително ниски примања, додека на околу 15,8 проценти им се заканува опасност од живот во сиромаштија - тие, така да се каже, се наоѓаат „на работ на сиромаштија“.

Со други зборови, кога овие проценти ќе се претворат во конкретни бројки, се доаѓа до податокот - лани околу 16 милиони луѓе во Германија живееле во ситомаштија, односно во непосредна опасност од неа и со тоа поврзаната социјална изолација. Споредено според полови, почесто погодени од сиромаштијата се жените во Германија (околу 23 проценти). Кај мажите тој процент е 18,5%.

Споредби со другите земји

Иако овие бројки звучат изненадувачки и застрашувачки, Германија во споредба со другите европски земји се наоѓа во сосем солидна, односно позитивна ситуација.

На врвот на скалата земји во кои владее најголем процент сиромаштија се Бугарија (49 насто) и Романија (40 проценти). Со најмалку сиромашни според оваа студија, на врвот е Исланд (13,7 насто), Норвешка (14,6) и Чешка (15,1), во која ситуацијата е подобра отколку во Германија.

Истражувањето било извршено врз основа на месечните примања, пензии, социјалната помош и детските додатоци. Тоа исто така покажа дека, на пример, семејствата со многу ниски месечни примања често автоматски се чувствуваат социјално изолирани бидејќи не можат да си дозволат годишни одмори, автомобил, но ни некои од курсевите во музичките училишта или спортските друштва за своите деца.