1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Секојдневието и страдањата во Сирија

Борбите во Сирија продолжуваат. Додека за многу луѓе војната е секојдневие, некои живеат вчудовидувачки нормален живот. Радоста и страдањето некогаш ги делат само неколку улици.

„Овде нема никакви проблеми“, вели Нели Најар од Дамаск. „Штотуку се вратив од работа. Малку подоцна ќе излеземе некаде да пушиме наргиле“, раскажува во телефонски разговор Нели. Во арапскиот свет пушењето наргиле се толкува како ритуал на целосно опуштање. Дали тоа значи дека во Дамаск е сѐ нормално, дека нема војна, пукање и насилство на улиците? Значи ништо од она за што западните медиуми секојдневно известуваат.

„Можеби е навистина така“, вели Ахмад Хису, новинар на Дојче веле, кој секојдневно, преку телефон или електронска пошта, е во контакт со луѓето во Сирија. Врските често се во прекин, посебно во приградските населби околу Дамаск, кои се под контрола на бунтовниците. Поради лошите телефонски врски населението често е без електрична енергија, која некогаш ја нема со часови, а некогаш со денови.

50 метри меѓу различни светови

Ахмад Хису познава многу судбини на луѓето од Дамаск, кои се сосема поинакви од она за што говори Нели Најар. Тој знае приказни за бомбашки напади, снајперисти, долги редици пред пекарниците и празни пазари. Исто така, тој ја познава и онаа страна за која говори Нели. „Тоа се сосема различни светови кои еден од друг честопати се оддалечени само 50-тина метри“, вели Хису.

Мартин Глазенап, активист на хуманитарната организација Медико Интернешенл, кој неодамна престојуваше во Сирија, ги потврдува зборовите на новинарот на ДВ: „Доколку живеете во населба во која мнозинството од населението е за претседателот Башар ал-Асад тогаш можете да живеете релативно мирно“. Тие градски населби ги обезбедуваат владините војници и во нив животот се одвива како порано.

Јавните установи работат, а отворени се и болниците и училиштата. Нели Најар вели дека во нејзината населба можат да се купат прехранбени производи, иако цените се пораснати. „Сѐ е трипати поскапо од порано“, вели Нели.

Засолниште во сигурните области

Богатите и добро обезбедени населби во Дамаск сепак не се поштедени од војната. Во нив доаѓаат бегалци од останатите делови на земјата. Шест од вкупно 23 милиони Сиријци ги имаат напуштено своите домови. Само една третина од нив замина во странство. Четири милиони Сиријци спас побараа во релативно безбедните зони во земјата.

Пред неколку дена во соседството на Нели Најар дошол голем број луѓе кои се плашат да бидат во близина на владините објекти. Тоа се случуваше во периодот кога изгледаше дека САД во секој момент ќе ги бомбардираат владините згради во Дамаск. Тогаш и добростоечките граѓани имаа иста судбина како и останатите бегалци. Оние кои се во можност веќе го имаат испратено семејството во странство. Од богатите населби само во Јордан пребегале 30 илјади луѓе. Нели Најар за ДВ истакнува дека и таа пред неколку дена размислувала за бегство: „Подобро ни е откако нападите се одложени“.

Постојан страв од ненадејни напади

„Само неколку улици понатаму ситуацијата е сосема поинаква“, вели Мартин Глазенап: „Оној кој живее во предградијата, пред сѐ во сунитските предградија во кои постојано се водат борби, перманентно живее во опасност да стане жртва на бомбашки напад или цел на снајперисти“. Сепак, во Сирија има области кои се релативно мирни. Таму војната се чувствува на економски план, бројот на невработени се зголемува, а снабдувањето на населението со потребните производи е полошо: „Патиштата по кои се снабдува населението се често во прекин. Еден пример е производството на нафта во курдскиот регион на североистокот на земјата“, вели Глазенап.

„Нафтените извори се во рацете на курдската милиција. Меѓутоа, тие не можат да произведуваат бензин, бидејќи главните рафинерии се во крајбрежниот регион“, објаснува Глазенап.

Ситуацијата во која се наоѓа Сирија ќе биде сѐ потешка, колку подолго ќе траат борбите. Не само поради тоа што економијата заслабнува, туку и поради тоа што бунтовниците се под сѐ посилна контрола на радикалните групи. Четириесет насто од 100 илјади вооружени бунтовници во меѓувреме се радикални исламисти. Мартин Глазенап вели дека во еден помал град на границата кон Турција, во кој живеат 50 илјади луѓе, веќе сега постојат повеќе од 150 вооружени бунтовнички групи: „Дури ни локалните граѓански групи не можат да формираат полиција бидејќи порадикалните групи сакаат регионална полиција“, вели Глазенап.